Во недостиг на детални информации, дознав од медиумите за денешната одлука на Стејт департментот, напиша на ФБ, Артан Груби откако беше ставен на американската црна листа заедно со судијата Енвер Беџети.
-Како човек кој мојот јавен живот го посветив на одбраната на западните демократски вредности и кој секогаш посветено работев за членството на земјата во НАТО и во Европската Унија, оваа одлука ме засега директно и лично, наведува поранешниот вицепремиер.
-Ќе се обврзам со сета посветеност и максимално, заедно со сите наши пријатели и партнери, со кои ја споделувавме визијата и работевме со години за интеграција на земјата во евроатлантските структури, целосно да го разјасниме ова прашање. Транспарентноста и посветеноста на демократските вредности и понатаму ќе бидат главниот столб на секоја моја акција, стои во објавата на ФБ.
Груби доби забрана за добивање виза за влез во САД. Покрај него на црната листа за визи се и членовите на неговото семејство.
Груби и апелациониот судија Енвер Беџети се ставени денеска на црната листа на САД, објавена од Стејт Департментот. Посочено е дека учествувале во поткуп за судските процеси на Сашо Мијалков.











