За нов член на Судскиот Совет е избрана сопругата на градоначалникот на Радовиш Ацо Ристов кој е од ВМРО-ДПМНЕ. Данка Ристова вчера на изборите во судовите во штипското апелационо подрачје ги доби гласовите на колегите и е избрана за член на Судскиот совет на местото на Лорета Ѓорѓиева на која и истече мандатот.
Од СДСМ сметаат дека станува збор за скандал и за партизација на Судскиот совет од страна на ВМРО-ДПМНЕ, а од ВМРО-ДПМНЕ, матичната партија на сопругот на избраната, уверуваат декла таа не партиски послушник како „послушниците на СДС и ДУИ“.
-Наместо реформи гледаме брuтална партизација на судството, би рекла дури и окупација од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Ова се партиски инсталации во судството како во време на режимот. Истото тоа што го правеше ДПМНЕ порано се прави и сега. Чист обид за поставување на контролирано, партиско судство кое нема да служи на граѓаните, туку на нивните интереси, рече Богданка Кузеска од СДСМ, за изборот на Данка Ристова.
Од партијата на премиерот Мицкоски кој го напаѓаше составот на Судскиот совет како партиски и непрофесионален, сега се уверени дека ниту мажот ниту партијата на мажот-градоначалник ќе и се меша во работата на Ристова.
-Градоначалникот на Радовиш, Ацо Ристов, како и сите градоначалници, има јасно дефинирани ингеренции поврзани со локалното управување и решавање на секојдневните проблеми на граѓаните на својата општина. Тврдењата дека тој на кој било начин може да влијае врз институција како Судскиот совет, која е независно тело, се само уште еден доказ за очајот на СДСМ и нивната потреба да фабрикуваат скандали. Данка Ристова е докажан професионалец, кој повеќе од 30 години е во правосудството, и таа е избрана со мнозинство гласови на непосредни избори, каде гласале судиите од Штипското Апелационо подрачје, вклучително и Струмица и околината, одговараат од ВМРО-ДПМНЕ.











