Струјата во просек ќе поскапи за помалку од еден процент од 1 јануари идната година, соопшти денеска регулаторот Марко Бислимовски. Поскапувањата на цените на струјата по блокови се движи од 0,62 до 2,24 проценти или во просек поскапувањето ќе изнесува 0,92 проценти. Евтината струја, исто така, ќе поскапи за минимални 0,9 проценти.
Бислимовски соопшти дека универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ на почетокот на месецот побарал зголемување на цената за 4,4 проценти.
Гледано по блокови, во првиот поскапувањето е 0,62 проценти и киловат час сега ќе се наплаќа 6,58 денари, во вториот блок цената е повисока за 0,9 проценти и киловат час ќе се наплаќа 7,71 денар, во третиот блок поскапувањето изнесува 1,93 проценти и сега цената за киловат час е 9,57 денари додека во четвртиот блок поскапувањето изнесува 2,24 проценти а киловат час ќе се наплаќа по цена од 20,4 денари.
Евтината струја поскапува за 0,9 проценти и сега изнесува 4,12 денари за киловат час.
Регулаторната комисија минатиот месец ја намали цената на мрежарината што ја плаќаат домаќинствата и 90 проценти од малите потрошувачи за седум проценти и од 2,3 денари се намали на 2,14 денари а процентуалното учество на трошоците за мрежарина е 38 проценти.
Огнен Чанчаревиќ











