На државната граница на Граничниот премин „Долно Блаце“ вицепремиерот Артан Груби имал активна мерка на стоп листа „задржи и веднаш извести“, на 15 декември 2024 година. Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди постапил по извршени проверки, извршил увид во службените материјали по извршена анализа од обезбедени снимки од безбедносните камери од ПС за ГП „Долно Блаце“.
Одделот утврдил дека полицискиот службеник Б.Ј. со своето несовесно работење не извршил адекватни проверки за патничко моторно возило „мерцедес“ при премин на државната граница на излез од РСМ, не го евидентирал за остварување на излез од РСМ и патниците од предметното возило Арсин Папранику, почесен конзул на Косово во Северна Македонија кој имал дипломатска патна исправа како возач и поранешниот вицепремиер Артан Груби со македонска патна исправа како совозач во возилото ги завел дека пешки ја поминале границата, односно со пропуштање на должниот надзор извршил гранична проверка во системот СКПВ за Груби, и при тоа не почекал системот да утврди дали предметното лице има активна мерка „задржи и веднаш извести“ туку веднаш на лицата им ги дал патните исправи, по што тие го напуштиле граничниот премин.
Со наведените дејствија, полицискиот службеник Б.Ј. постапил спротивно Законот за гранична контрола, со што сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина. Од страна на Одделот за внатрешна контрола до ОЈО за ГОКК – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од страна на полициски службеници и затворска полиција доставено е известување.
Било утврдено дека од страна на раководителот на смена Б.А. било сторено потешко кршење на работниот ред и дисциплина, бидејќи истиот како раководител на смена имал обврска навремено да ги задолжува и раздолжува полициските службеници на смена со Мобилен систем за снимање со камери и тоа уредно да го евидентира во Евиденцијата за задолжување и техничка исправност на МССК.
Откако ги задолжил сите полициски службеници со МССК и истото го завел во евиденцијата, во 07.30 часот, од страна на полициски службеници Б.Ј., С.Ф., Б.А., Ф.Ф. и Е.Ш., било пријавено дека МССК не им работат бидејќи им се испразниле батериите. Од страна на раководителот на смена Б.А. истите полициски службеници не биле задолжени со други МССК, бидејќи батериите не можеле да се наполнат.
Од извршениот увид во горенаведената евиденција од страна на ОВККИПС било утврдено дека од страна на раководителот на смена Б.А. откако МССК биле вратени, истите не биле заведени во графите како раздолжени во самата евиденција, а воедно и не ја пополнил графата за забелешка каде што требало да го нотира настанатиот проблем со МССК.
Од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднесен е предлог за поведување на постапка за утврдување на одговорност за кршење на работната дисциплина против Б.Ј. и Б.А.. Против полицискиот службеник Б.Ј. Одделот изрече задолжителна мерка отстранување од работно место-суспензија до завршување на дисциплинската постапка.











