Робусна и жестока акција на Државниот пазарен инспекторат, најави премиерот Христијан Мицкоски, затоа што дел од маркетите се служеле со трикови – ги поевтиниле производите од новогодишната кошничка, а на сметка на тоа драстично ги поскапеле другите производи, како што се маслото, лебот, шеќерот, солта, млекото и млечните производи, јајцата.
Не сакаше да коментира дали ќе има казни за трговците.
„Трикови не може, тоа нема оваа влада да толерира и жестоко има да се справиме со оние коишто мислат дека нè надмудриле. Нема такви коишто мислат дека со трикови ќе нè надмудрат. Јас апелирам до големите трговски ланци да си го преиспитаат однесувањето и ќе побарам од Паразниот инспекторат детална анализа како е покачена цената во изминатите 30 дена на овие производи. Срамота е ова што го прават пред празниците коишто доаѓаат. Сакавме да покажеме добра волја, сакавме да се договориме, видете како враќаат“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања.
Новогодишната кошничка со која над 1000 производи требаше да поевтинат за 10 отсто важи од 15 декември до 15 јануари. Немаше владина одлука за поевтинување или за замрзнување на цените, туку се постигна џентлменски договор со трговците.
Мицкоски и министерот за економија Бесар Дурмиши ја најавија кампањата „Помалку трошоци, повеќе за тебе“ на 5 декември годинава и отворија интернет страница на која се наведени производителите и производите кои ќе имаат намалени цени. Медиумите и тогаш прашуваа која е гаранцијата трговците да го почитуваат намалувањето, со оглед на тоа што нема владина одлука, но во владата беа уверени дека мерката ќе биде од корист на граѓаните.
„Ако тие сами најавија дека ќе ги намалуваат овие цени, која е причината да ги зголемуваат во тој временски период, зашто и нивните имиња се ставени на веб-страната“, рече тогаш министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
Сепак, уште пред еден месец на полиците во маркетите беше забележливо дека некои производи добија повисока цена. На зголемување на некои цени за 30 отсто предупреди и Сојузот на синдикати на Македонија. Прво ги зголемиле цените за 20 отсто, а потоа станале дел од владината кампања и ги намалиле за 10 отсто.
Срѓан Стојанчов











