Ски-центарot ,,Михајлово” денеска беше официјално отворен, а првите скијачи имаа можност да уживаат во снегот на Кожуф, 40-тина километри од Кавадарци. Има ски-лифтови во должина од 370 метри со капацитет од 600 лица на еден час и скијачки појас, со капацитет од 800 лица.
„Всушност, отворена е првата патека на 1.300 метри надморска височина, што завршува на 1.400 метри, со должина од околу 400 метри. Има најразлични содржини“, појасни кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.
Тој најави дека учениците од општината преку програмата за физичко образование ќе имаат бесплатно учење скијање. Проектот рече е развоен, најави уште две патеки по два километра и од 1.800 метри да се спуштат на 1.300 и подобра инфраструктура.
Премиерот Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на свеченоста, рече дека Владата продолжува да работи на реализација на проекти. Тој додаде дека ски-патеката претставува прекрасен објект. Притоа се заблагодари на сите општествено-одговорни компании што учествуваа во изградбата на оваа патека.
„Ова е исклучително голема можност за кавадарчани, но не и само за кавадарчани, туку луѓе од сите краеви на државата, да дојдат да уживаат во овие прекрасни природни убавини, да се рекреираат и навистина би сакал ова да биде еден почеток само, а понатаму уште повеќе да се развива и самото место и самиот регион, затоа што навистина самата планина и сето ова коешто е околу оваа ски- стаза е нешто што претставува природна реткост“, истакна претседателот на Владата.
Мицкоски се заблагодари на сите кои придонесуваат со својот ангажман во тоа, Кавадарци како општина, навистина да претставува едно прекрасно место за живеење.
„Ние како Влада и во иднина ќе продолжиме да помагаме. Сега во февруари ќе биде објавен и новиот повик до општините за да аплицираат со нови проекти, што ќе бидат финансирани од страна на Владата. Така што заеднички кога се работи, успехот е тука“, нагласи премиерот.
Се работи за донација од над 230.000 евра. Од тоа, 115.000 евра биле донирани од Комерцијална банка и исто толку од „Кожувчанка“. Со свој удел учествувале и неколку други општествено-одговорни компании.











