Судскиот совет утре ќе избира нов претседател, откако досегашната претседателка Весна Дамева, пред еден месец поднесе неотповиклива оставка. Дамева се повлече зашто, како што рече, политичари од власта, меѓу кои и премиерот Христијан Мицкоски, се обидуваат да го нарушат нејзиниот интегритет. Таа не е веќе претседател, но останува член на Советот. Има право да предложи и да гласа за нов претседател.
Изборот на нејзин наследник беше одложен до комплетирање на составот со изборот на двајца нови членови од редот на судиите.
Пред дваесетина дена, за нови членови на Советот беа избрани судиите Аритон Ала од скопска апелација и Данка Ристова од Апелациониот суд во Штип.
Ристова е сопруга на градоначалникот на Радовиш од ВМРО-ДПМНЕ Ацо Ристов. Таа негираше дека е нечија партиска инсталација, а премиерот Христијан Мицкоски се спротивстави на тврдењата за партизација на советот, зашто Ристова беше избрана на непосредно гласање од страна на судиите.
Претседател на Судскиот совет се бира со 8 гласа од членовите на Советот кои имаат право на глас. Советот има 15 члена – 8 се бираат на непосредни избори од судиите, 5 назначува Собранието, од кои двајца на предлог на претседателот, а по функција членови на Советот се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, но тие немаат право на глас.
Членовите на советот имаат мандат од 6 години. Парламентот во декември изгласа негативен извештај за работата на Судскиот совет, што го отвори прашањето за разрешување на членовите на советот кои се избрани од Собранието. Премиерот Христијан Мицкоски во новогодишното интервју за МИА вели дека овој состав на Судскиот совет можеби има легалитет, но нема легитимитет кај граѓаните.
Министерот за правда Игор Филков најави нов Закон за Судски совет до јуни годинава.
Превирањата во Судскиот совет траат подолго време. Во април 2023 година, Весна Дамева беше незаконски сменета од нејзиниот заменик Селим Адеми и на нејзино место, за претседател, беше назначен Сашко Георгиев. Нејзиното сменување наиде на критики од ЕУ, а Управниот суд на крајот на 2023 го поништи нејзиното разрешување, по што беше вратена на функцијата. Сега се повлече сама.
Срѓан Стојанчов











