Во Билтен на МВР во декември не е објавна сообраќајна несреќа во која настрадала мечка на магистралниот пат Битола – Ресен, а од битолската полиција потврдија дека таков настан кај нив не е регистриран.
Од Анима Мунди велат дека тоа ја демантира изјавата на заменик директорот на Македонија пат, Сашо Дранго кој за Телма вчера тврдеше дека мечката со која позира на фотографијата што ја објави ова здружение за заштита на животните, била усмртена во сообраќајна несреќа, за што рече дека има и полициски записник, а тој пак таму се појавил како вработен во „Македонија пат“ за животното да се отстрани од коловозот.
Но, од Анима Мунди велат дека има утврдена процедура во ваков случај и се сомневаат во веродостојноста на изјавата на Дранго.
-Има процедура која е различна од онаа што ја кажува г. Дрангот. Треба да дојде МВР, Агенција за храна и ветерина итн. Вработените во Македонија пат сигирно не одат во ловечка униформа, со пушка со дурбин за да отстрануваат мечки и сигурно не ги носат во планина за да се сликаат како да се ловен трофеј, вели Столе Велковски од Анима Мунди.
Обвинителството најави дека ќе го истражува случајот.
„Основното јавно обвинителство Битола оформи предмет по допрен глас и ќе го испита настанот во целост“, велат од ЈОРМ.
Од Анима мунди велат дека одлуката на обвинителството е добар чекор кон разрешница на овој случај. Побараа ОЈО да провери дали постои пријава за убиство на мечка, која е под највисок степен на заштита кај нас, но и полицијата да провери дали Сашо Дранго имал забрна за користење на оружје, и дали снајперот со кој е фотографиран го имал незаконски.
Заменик директорот на Македонија пат, вчера во изјава за Телма негираше дека убил мечка
-Сега пред еден месец имав случка и слика со мечка која на патниот правец Битола-Ресен беше усмртена при сообраќајна незгода. Па како вработен во Македонија пат бев таму за што има записник и во полициската станица во Битола и таа мечка ја отстранивме од коловозната лента во месноста ротино-битолско. Станува збор за таа мечка која е на фотографијата“, изјави Сашо Дранго, заменик директор на Македонија пат.
Според македонското законодавство за мечката има трајна забрана за лов, а за отстрел на мечка предвидена е и парична казна од 18.000 евра доколку е постара од две години.
Кривичниот законик предвидува и затворска казна до три години за ловењето на дивеч под заштита.
Емилија Мисирлиевски











