На новите генерации да им овозможиме поубава иднина, а народните избраници да го направат Скопје поубаво место за живеење. Ова е пораката од новиот, годинашен бадникарски здравичар, архитектот Атанас Петров, искажана денеска на свеченоста пред Соборниот храм Свети Климент Охридски, на големиот христијански празник Бадник, според Јулијанскиот календар. Бројни верници присуствуваа на бадниковата литургија, а се одржа и пригодна програма.
Многубројни верници дојдоа во Соборниот храм на традиционалната бадникова литургија, со која чиноначалствуваше поглаварот на МПЦ-ОА, Г.Г.Стефан. Палеа свеќи за здравје , а дома понесоа осветени бадникови гранчиња, кои го симболизираат дрвото на животот. Бадник е ден за радост, во пресрет на рождеството Христово- Божик, и последен ден од божикниот пост. Тоа е ден за подготовка за утрешниот празник, велат од МПЦ.
- Денешниот ден треба да биде во духовно расположение, во една убава атмосфера, кога ние ќе покажеме дека сме вистински христијани, со тоа што ќе си дојдеме на богослужба. Ќе бидеме добри со блиските , ќе се поздравиме , ќе си го честитаме празникот. Во меѓувреме, и да направиме некое добро дело, вели отец Антонио Апостолоски.
Одборот за традиционалната прослава на Бадник , ги претстави новоизбраните бадникарски кум и здравичар, кои ќупот со бадникови гранчиња го преземаа од ланскиот бадникарски кум и здравичар. Во пораката до присутните верници, новиот здравичар Атанас Петров, основач на компанијата Торус Инженеринг, апелираше за подобра иднина на новите генерации, а политичарите, како што рече, да работат Скопје да стане поубаво место за живеење.
- Живееме во времиња на бурна демократија. Да се потрудиме на новите генерации да им овозможиме подобра иднина. А, вие избраните претставници од народот во општините и градот, потрудете се да го направиме ова наше Скопје уште поубаво и посреќно место на живеење, кажа Атанас Петров, здравичар за 2025 година.
Бадникарскиот кум, Радомир-Раде Макеларски, поранешен комерцијален директор во „ Макпримат“, побара почит во секое семејство и меѓу пријателите.
- Сите вие кои го празнувате Бадникот и утрешниот Божик, ви посакувам многу здравје, среќа, бериќет . Да го почитувате своето семејство , другарите и пријателите. Да ја сакате и почитувате мајката црква, рече Радомир Макеларски, бадникарски кум за 2025 година.
На годинашниот бадникарски кум и здравичар, ланскиот кум Божидар Јанковски им посака здравје, среќа и љубов . А, градоначалникот на Општината Центар, Герасимовски, апелираше на солидарност и да ја чуваме традицијата.
- Да се обединиме, да правиме добри дела и да сме солидарни со оние што им е најпотребно. Да ја чуваме традицијата што не обединува и да ја пренесеме на нашите идни генерации, кажа Горан Герасимовски, градоначаник на Општина Центар.
Ланскиот кум и здравичар дојдоа со пајтони, а годинашните исто така си заминаа. Во пригодната програма настапија Силви бенд , Александар Митевски и Дац, а присуствуваа и деца од бадниковата поворка , кои се причестија, беа дарувани со паќетчиња и ја испеаја нумерата „ Вечниот бог“.
Сотир Трајков











