Од сува кашлица до карцином. Енормното загадување може да направи сериозен проблем по здравјето на луѓето, доколку властите не почнат со решавање на проблемот веднаш, алармираат лекарите.
„Ние веќе навлеговме во една фаза, кога тешко може да го отстраниме ова загадување, точно и поради тоа што провевот на воздух низ градот е стопиран со тоа непланско градење на зградите, но меѓутоа и ако не се преземаат мерки во брза иднина сè повеќе и повеќе пациенти ќе се јавуваат, за жал, со карциноми. Тука говорам и за карциномите на дебело црево, карцином на белите дробови, карциноми на дојка, а тоа веќе Онкологија го забележува. Забележуваат зголемување и на бројот на сите карциноми и на фаринксот и на трахеата и на слично. Ние веќе почнуваме да имаме нездрава нација, затоа сериозно треба да се зафатиме со аерозагадувањето и чистење на самиот град“, вели д-р Драган Ѓорѓиевски, матичен доктор.
Аерозагадувањето, во комбинација со вирусите и бактериите, дополнително ја усложнува работата на лекарите. Апелираат до родителите, трудниците, но и оние кои имаат белодробна хронична болест да не излегуваат надвор кога загадувањето е енормно, а додека тоа е неопходно да се носат заштитни маски.
„Најчесто тие пациенти кои што се појавуваат со аерозагадување се со една сува кашлица. Кај тие пациенти немаме некој пропратен друг симптом. Кај нив нема температура, кај нив нема некое течење на носот, кај нив нема ни болка, ни гребење во грлото, ниту општа слабост и малаксаност што ја има кај другата респираторна патологија која потекнува од бактериска и вирусна природа. Кај нив има само една надразителна сува кашлица. Тоа е токму поради иритацијата на ПМ10 честичките кои се појавуваат во воздухот“, додава доктор Ѓорѓиевски.
Како еден од загадувачите, екологистите прстот во вперуваат во Усје, за кој од министерството за животна средина тврдат дека по направени контроли, Цементарница досега не загадувала. Загадениот воздух и натаму останува само тема за критика на политичките партии за тоа кој е виновен за аерозагадуваето и кој повеќе спровел мерки. Додека траат овие препирања, граѓаните се гушат, а градот останува на листата на најзагадени во Европа.
Симона Петровска











