Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија и педесетина здруженија и невладини организации, утре ќе потпишат петиција за државно рефундирање на бебешки пелени, за самохрани родители и за нови семејства од категоријата социјално ранливи граѓани. Настанот ќе се одржи во рамките на Василичарскиот хуманитарен пункт, на кој ќе бидат донирани пакети за социјално загрозени граѓани и за членовите на КСОМ кои ја изгубиле работата , последниве месеци. Според претседателот на здружението Хуманитарни акции.мк, во Македонија последниве 10 години расте процентот на самохрани родители, а цените на бебешката храна и пелени се зголемени за 100 до 150 %, така што повеќе неможат сами , ниту преку спонзори, да обезбедат пелени. Затоа очекуваат помош од државата, која ќе биде вклучена во проценката кој да ја добие хуманитарната помош, преку комисија што допрва ќе се формира. Петицијата ќе биде испратена до министерствата за социјална политика и економија.
- Ние работиме со повеќе од 10-15 000 случаи низ Македонија. Јас отворено ви кажувам дека на бебешката исхрана, на бебешките пелени цените им се зголемија за 100 до 150 %. И една самохрана мајка неможе да го издржи тој товар и мора државата веќе конечно да излезе во пресрет на оваа петиција , на оваа ситуација, на ова барање. И да помогнеме во еден битен момент во растењето на секое бебенце и на социјално ранливите категории, кажа Владимир Чолаковски- Преспански, претседател на здружението Хуманитарни акции.мк











