Министерството за внатрешни работи (МВР) приведе полициски службеник, осомничен дека примил поткуп од 50 евра за издавање на нов пасош. Осомничениот, вработен во Отсек за странци и реадмисија, завчера во службените простории ја повикал оштетената која поради изгубена патната исправа требало да извади нова.
Но, тој не извршил проверка и надвор од процедурите ѝ дал уплатница за да уплати за издавање на нов. Кога таа се вратила со уплатницита и кажал дека се чека од 6-12 месеци, на што оштетената негодувала. Тој со прстите ѝ покажал дека треба да плати 50 евра за услугата, велејќи „знаете дека ние не се трудиме џабе”.
Бидејќи таа немала пари со себа и рекол дека ќе ја чека за да ја заврши работата. Но, таа го пријавила кривичното дело и откако се вратила на осомничениот му дала обележана банкнота, која подоцна е пронајдена кај него.
Обвинителството на судијата на претходна постапка му предложи на осомничениот да му изрече мерка притвор во траење од 30 дена.
Соопштението на обвинителството го пренесуваме во целост
„Под раководство на надлежен јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а по претходно обезбедена наредба од судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје за претрес на службени простории и лице, вчера единиците на МВР приведоа полициски службеник осомничен дека примил поткуп.
При претресот е пронајдена – кримтехнички обработена банкнота од 50 евра, како и други парични средства и документација од други лица.
Осомничениот, вработен во Отсек за странци и реадмисија, на 16.1.2025 година во службените простории ја повикал оштетената која ја изгубила патната исправа и требало да извади нова. Притоа без да изврши проверки за претходно изгубениот пријавен пасош и да ги запази работните процедури ѝ дал уплатница за да уплати за издавање на нов. Откако го уплатила износот, оштетената се вратила во просториите на Одделот за управни работи и на осомничениот му ја предала уплатницата прашувајќи го за временскиот рок на постапката за издавање. Осомничениот одговорил дека се чека од 6-12 месеци, на што оштетената негодувала, а осомничениот со гестикулации протривајќи ги прстите ѝ покажал дека треба да плати 50 евра за услугата велејќи „знаете дека ние не се трудиме џабе”. Оштетената кажала дека нема пари во себе и ако не е проблем да ја почека да земе, а ако не стаса во текот на денот, да му ги предаде наредниот ден, на што осомничениот се согласил и рекол дека ќе ја чека за да ја заврши работата.
По излегување од зградата, оштетената свесна дека тоа што осомничениот ѝ побарал пари без да ги уплати на сметка за побрзо да ја добие патната исправа е кривично дело, случајот го пријавила во полициска станица. Во текот на вчерашниот ден му ја предала кримтехнички обработената банкнота на осомничениот која беше пронајдена при претресот.
Предметниот јавен обвинител донесе наредба за спроведување на истражна постапка против осомничениот, а на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му предложи со решение на осомничениот да му изрече мерка притвор во траење од 30 дена“.











