Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Кузмановски со „проектил“ од 15 метри донесе реми против Австрија

/

пред 620 дена

Сподели преку :

(ФОТО РФМ) Македонската ракометна репрезентација се наоѓаше пред пораз од Австрија на Светското првенство, но капитенот Филип Кузмановски распали од огромна далечина во последната секунда од натпреварот и извлече реми 29-29. Во драматичен натпревар со резултатска „вртелешка“, нерешениот резултат можеби е и најреален исход по големата битка на Македонија и Австрија.

Го почнавме натпреварот многу подобро од Австрија и го диктиравме резултатот. Во два наврати имавме и предност од три голови разлика, но противникот имаше подобар финиш на првите 30 минути од средбата. На полувремето резултатот гласеше 14-13 за Австрија.

Вториот дел беше исклучително неизвесен. Се играше гол за гол, а двете репрезентации се менуваа во водството. Австрија поведе со 29-28 на само четири секунди до крајот, кога селекторот Кирил Лазаров викна тајм-аут.

Во последниот напад одигравме на се или ништо, а одговорноста ја презема капитенот Кузмановски. Нашиот бек распале од 15 метри и успеа да го совлада австрискиот голман Флоријан Кајпер за конечни 29-29.

Марко Митев со шест голови беше најефикасен во македонскиот табор, Жарко Пешевски постигна пет, а Кузмановски имаше четири погодоци и пет асистенции. На голот Кизиќ имаше шест интервенции, Митревски три.

Македонија сега во рамки на групата 2 од главната фаза има два бода, еден што пренесе од првата фаза и еден по денешното реми. Во четврток ќе бараме победа против Катар, а натпреварот го играме во истиот термин како и денеска во 15:30 часот.