Најпрво преку информативна кампања ќе се сензибилизира јавноста за важноста на воведувањето наплата за влез во Националниот парк Шар Планина, по што ќе следи период на доброволно, а потоа и задожително плаќање влезница.
Замислата е првично да се воведе систем на наплата, на доброволна основа, за да се помогне за зачувување на Шар Планина, но понатака сите посетители ќе треба да платат за влез само за возилото, како загадувач, со кое ќе се движат по дозволените патишта, додека ослободени од надомест ќе бидат жителите на селата, сопствениците на приватни имоти и регистрирани правни лица на територијата на паркот.
Од Јавната установа која раководи со паркот велат дека средствата кои ќе ги добиваат од наплатата, ќе покријат дел од трошоците за нејзино функционирање.
„Ќе следи кампања која што ќе објасни за целиот процес. Не можеме да спроведеме се одеднаш. Граѓаните треба да бидат исто така трпеливи и да соработуваат затоа што со воведување на ваквиот систем придонесуваат директно кон подобрување на функционирањето на заштитата на природата значи верувам дека веќе е добро познато во јавноста дека Јавната установа Национален парк Шар Планина, иако е државна институција формирана од Владата функционира со самофинансирање“ – изјави Анела Ставревска-Панајотова, раководител на Одделение за заштита на природата при ЈУНП Шар Планина
Нема да има рампи, туку информативни табли на влезовите на Националниот парк, со информации за електронскиот систем за наплата, велат од Установата.
„Системот на наплата ќе се воведе без како да го наречам класичниот начин со ставање на рампи и со чувари куќичка и со наплатувач туку за првпат ќе биде воведен електронски систем на наплата. Значи замислено е со праќање на смс порака да се наплати само за возилото со коешто се влегува во Националниот парк без разлика дали тоа е мотор утв, атв, џип или кола или минибус или автобус или камион и тука застануваме понатаму ренџерската служба само ќе врши контрола“ -изјави Анела Ставревска-Панајотова, раководител на Одделение за заштита на природата при ЈУНП Шар Планина.
Од јавната установа Национален парк Шар Планина најавуваат дека овој проект ќе се спроведе оваа година, иако неговиот почеток беше најавуван минатато лето.
ДАНИЈЕЛА БИЛБИЛОСКА











