Посетата на српскиот патријарх Порфириј на Македонија како гостин на поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, на утрешното одбележување на националниот празник на српската заедница во земјава „Св. Сава“, ќе биде можност да се резимира до каде е македонската православна црква на патот до целосна и потполна автокефалност во православниот свет. Познавачот на црковните прашања, Бранко Ѓорѓевски, смета дека по томосот за автокефалност, кој Српската православна црква и го даде на МПЦ-ОА пред три години, процес на заокружување на целосна автокефалноста на МПЦ-ОА, не е завршен.
„Ќе биде тогаш кога ќе го добиеме томосот и од Вселенската патријаршија. Оттаму се надевам дека на нивната средба двајцата поглавари ќе повлечат црта до каде е МПЦ на тој пат. За добивање на нашата автокефалност е потребна и согласноста на другите православни цркви, дека ние нашето име треба да го уредиме со блокот на еленските цркви, што укажува и дека самиот тој документ сепак не е конечен како што некои наши достоинственици сметаат“, вели Бранко Ѓорѓевски, новинар и познавач на црковните работи.
Ѓорѓевски смета дека токму добивањето на томосот од Вселенската партијаршија, кој ќе и овможи на МПЦ-ОА целосна автокефалност, е во застој.
„Односите како да застанаа во место откако Вселенската партијаршија ги постави трите барања кои ни ги соопштија нашите достоинственици, а кои што се врзуваат за тоа дека името Охридска архиепископија треба да биде во целосна, внатрешна и надворешна употреба, дека треба да се отстапи дијаспората и дека нашата црква треба да ја признае православната црква во Украина, на која Вселенската партијаршија и го даде томосот за автокофеланост“, вели Ѓорѓевски.
Според Ѓорѓевски освен условите поставени од Вселенската патријаршија, причина за застојот може да се бара и во томосот кој стигна од СПЦ, бидејќи негова примарна цел била да ги задоволи српските интереси во однос на македонската православна црква.
„Тој документ е толку дипломатски направен и сега се гледаат сите негови умисли. Таму имате став со којшто се дава томос за автокефалност на Македонската православна црква, а од друга страна истовремено се укажува дека за конечна автокефалност треба да се добие согласнста и на другите православни цркви. Истовремено се кажува и дека името наше треба да се реши во односи со други православни цркви“, вели Ѓорѓевски.
Поради тоа МПЦ-ОА како што воспостави добри односи со СПЦ и ги реши прашњата со неа, треба да ги реши проблемите и со Вселенската патријаршија, смета Ѓорѓевски, со оглед дека другите православни цркви го чекаата расплетот со Цариград за и тие да повлечат потег.
„Нам ни недостигаат комуникации и би сакале, како што нашиот поглавар се среќава со претставници на СПЦ, како што се оди на литургии во Белград, како што се чествуваат значајни настани последните години, така би сакале и да зачестат и контактите со Вселенската патријаршија. И мислам дека на нашата црковна дипломатија и претстои задача со која што ќе истакне посилно своите позиции и некои неоправдани барања“, вели Ѓорѓевски.
Инаку на патријархот Порфириј ова му е трета посета на Македонија откако СПЦ ја призна автокефалноста на МПЦ-ОА во 2022 година. Тој во 2023 година, на годишнината од давањето на томосот ги посети Струга и Охрид, а во 2022 година откако Вселенската патријаршија на 9 мај донесе одлука канонски да ја признае Охридската архиепископија чиноначалствуваше заедно со г.г. Стефан со богослужбата за Св.Кирил и Методиј во Скопје. Една недела претходно се одржа архиерејска литургија на поглаварие на двете цркви во Белград.
Ѓорѓевски е на став дека вакви контакти се добри и пожелни и оти светителите кои делувале на поширок регион треба да бидат повод за одржување заеднички чествувања и црковни литиргии со кои ќе се јакне врска, не само меѓу две цркви, туку и меѓу двата народа.
Тамара Грнчароска











