Замрзнувањето на американската помош на три месеци нема да ги погоди македонските институции. Ова е одговорот на премиерот Христијан Мицкоски, за тоа колку проекти и колку средства на државните институции се стопирани со одлуката на американскиот претседател, Доналд Трамп, за замрзнување на помошта за странство на 90 дена.
„Не мислам дека ќе има државни институции кои ќе бидат афектирани од оваа одлука на претседателот Трамп, но правиме анализа, ќе видиме и ќе носиме стратегија и заклучоци“, вели Мицкоски.
Од владата во одговор на прашање на Телма за тоа кои институции колку проекти во моментов имплементираат со американска помош, одговорија дека низ годините низа проекти биле поддржани од стратешкиот партнер на Македонија, од унапредување на капацитетите на институциите до поттикнување на економскиот развој и зајакнување на безбедноста. Но без конкретен одговор кои институции и проекти.
„Оваа исклучителна соработка во многу облaсти се сведува и на техничка поддршка која е од исклучително значење и како Влада силно веруваме дека ќе ја продолжиме и продлабочуме соработката и во иднина“, гласи одговорот од Владата.
Како што дознава Телма, Владата, министерствата како земјоделие, образование, животна средина, транспорт се некои од државните институции корисници на американски помош. Телма побара одговор од министерството за одбрана дали со одлуката на Трамп ќе биде засегната и американската помош во делот на набавка на оружје и обука на македонските војници, но до овие вести не добивме одговор.
Освен државните институции корисници за американска помош се и институции од делот на правосудството, но и локалната самоуправа. Од Заедницата на локални самоуправи за Телма велат дека за локалните смаоуправи во моментот со американска помош преку УСАИД се спроведува само еден проект, кој стартувал во 2021, а треба да заврши годинава, а со кој биле опфатени сите општини во Македонија. Проектот бил насочен на поддршка на капацитетите за подобро менаџирање со финансиите на општините.
Инаку УСАИД во Македнија во моментов има 22 активни проекти во висина од повеќе од 72 милиони долари. Меѓу нив се проектот за зајакнување на енергетската безбедност и отпорност, во висина од над 2,7 милиони долари, проектот за сајбербезбедноста и отпорноста на критичната инфраструктура со повеќе од 2,6 милиони долари, потоа јакнење на националните системи за намалување на институционалната ранливоста од корупцијата со речиси 11,5 милиони долари, како и подобрување на транспарентноста на владата и јакнење на нејзините механизми за надзор за спречување на корупција со речиси шест милиони долари.
Македонија е корисник на американска помош и преку регионални проекти од кои во моментов тековни се шест во висина од околу 130 милиони долари.
Инаку околу милијарди долари е сумата со која САД преку УСАИД го помогнале развојот на Македонија во изминатите 30 години. Само во 2021 година Владата потпиша договор за користење на 56 милиони долари во идните четири – пет години за проекти за зајакнување на економската конкурентност, за зголемување на придонесот на младите во општеството и за проекти и програми за намалување на корупцијата.
Тамара Грнчароска











