Србија минува низ најтешката криза од времето на Слободан Милошевиќ. Протестите остануваат секојдневие, блокадите ќе продолжат. До четврток ќе бидат во форма на неколкучасовни протестни прошетки, останува и секојдневниот молк во 11:52 часот, времето кога се падна натстрешницата на железничката станица во Нови Сад која однесе 15 човечки животи.
Денеска е продолжен притворот за нови 30 дена за 10-те уапсени луѓе по трагедијата во Нови Сад, како и куќниот за две осомничени лица. Поранешниот министер за градежништво, Горан Весиќ ќе се брани од слобода, откако беше уважена жалбата на неговите адвокати. Обвинителството претходно соопшти дека за делата за кои се товарат е пропишана казна од две до 12 години затвор.
Инженерската комора на Србија претпладнево беше нова локација за демонстрантите, каде предадоа барања со потписи. Студентите порачуваат дека не отстапуваат од протестите, до исполнување на барањата. Веќе во четврток планираат нова акција. Белградските студенти ќе тргнат пешки за Нови Сад, за да им се придружат на тамошните колеги во блокадата на три моста во сабота.
Проценките на светските медиуми се дека протестите во Србија нема да престанат и покрај жртвувањето на поедини политички фигури. Германски Зе-Де-Еф пренесува дека студентите имаат симпатии меѓу населението и оти протестите наишле на поддршка кај адвокатите, средношколците, универзитетски професори и земјоделците. Според телевизијата, целта не се оставки на политичарите, туку функционирање и почитување на стандарди на правната држава. Швајцарски Нојер Кирхер Цајтунг пренесува дека „владата и овојпат направила отстапки, но демонстрантите и натаму не веруваат дека тие ќе доведат до посакуваните длабоки структурни промени и оти недовербата кон Вучиќ е предлабока.
Оставката на премиерот, дел од аналитичарите и опозицијата ја толкуваат како „уште едно подметнување од власта“ и обид на претседателот на државата да ја врати контролата. Вучевиќ, според нив, би можел да биде жртвено јагне, со оглед дека на функцијата беше од мај лани, додека фотелјата на Вучиќ е затресена, но сè уште е цврста. На него се гледа како да мери каков чекор да преземе – да оди на предложување на мандатар за формирање на нова влада или да се оди на вонредни избори.
Сашко Димовски











