Извори од Хамас тврдат дека Израел го блокира влезот на помош во Појасот Газа, предупредувајќи дека тоа може да влијае на ослободувањето на заложниците, кое е предвидено со договорот за прекин на огнот.
„Предупредуваме дека постојаното одложување и непочитувањето на овие точки, ќе влијае на спроведувањето на договорот, вклучително и размената на затвореници“, рече претставник на Хамас.
Друг официјален претставник рече дека Палестинското движење побарало интервенција на катарските и египетските посредници за да ги принудат, како што велат, окупаторите да се придржуваат до договорот и да избегнат создавање кризи.
Доцнењето се однесува на дозволите за влез на гориво, шатори, камп приколки, тешка механизација, болничка опрема, пекари и станици за вода, велат од Хамас.
По 15 месеци војна во Појасот Газа, Израел и Хамас потпишаа договор за прекин на огнот, чија прва фаза стапи на сила на 19-ти јануари и треба да трае 42 дена. Според договорот, оваа недела треба да бидат ослободени шест заложници, тројца во четврток и тројца во сабота. Седум жени веќе се ослободени во замена за 290 Палестинци кои се наоѓаат во израелските затвори.











