По 40-тина изминати километри, ги стигна замор, а почна да паѓа и мрак. Извадија ќебиња, отворија вреќи за спиење, поставија шатори, запалија оган и со гитара и песна ја минаа ноќта под ведро небо. По паузите во Батајница, во Нова и во Стара Пазова, фудбалскиот стадион во Инѓија беше место за преноќиште за белградските студенти во протестниот марш до Нови Сад. На пат дотаму, студентите и учениците беа пресретнувани од граѓани од кои добиваа поддршка, дел ги отпоздравуваа со сирени на автомобилите, а некои излегуваа од докмовите, нудејќи им вода, сокови, храна и палачинки.
Ниту ниските температури не ги измести од цврстиот став да останат доследни на дводневната акција за придружување на нивните колеги во главниот град на Војводина. Претпладнево продолжија со походот од Инѓија, а попладне е планирана пауза и кај Сремски Карловци.
Се очекува до вечерва до 19 часот да пристигнат на железничката станица во Нови Сад, каде утре е планирана блокада на сите градски мостови преку Дунав, по повод три месеци од уривање на натстрешницата на железничката станица која однесе 15 човечки животи. Утрово кон Нови Сад се упатија и велосипедисти од Белград за поддршка на студентите.
Протестите кои почнаа како нормална реакција на граѓани кои се сомневаат во корупција во градежните договори, се претвори во најсериозен предизвик за српскиот претседател Александар Вучиќ. Трагегијата од 1 ноември предизвика бран од масовни протести низ земјата за кои на улица излегоа десетици илјади граѓани. Блокирани се десетици државни факултети, а нивно клучно барање е утврдување на политилка и кривична одговорност на властите.
Во текот на оваа недела оставки поднесоа премиерот Милош Вучевиќ и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ. Власта, на чело со Вучиќ, тврди дека сите барања на студентите се исполнети. Тие, пак, возвратија дека шефот на државата не е надлежен за исполнување на нивните барања, дека истите не се исполнети и дека продолжуваат со протестите.
Сашко Димовски











