Вчерашниот бојкот го преполови прометот во маркетите низ земјава. Управата за јавни приходи објави дека 8 најголеми трговски ланци вчера имаа промет од 114 милиони денари, додека пак претходниот ден, во четвртокот, како и претходниот петок прометот бил речиси двојно поголем, односно околу 213 милиони денари.
- „Според споредбената анализа на податоците, во петок, 31.01.2025 година во однос на петок, 24.01.2025 година, во осумте поголеми ланци на маркети е забележан пад на вкупниот промет за 46.59%. УЈП ќе продолжи со мониторирање и анализа на овие трендови, како и информирање на јавноста за сите важни податоци кои ќе имаат влијание на економијата“се наведува во соопштението на УЈП
Премиерот Христијна Мицкоски кажа дека инспекциите веќе влегоа во големите ланци маркети, кои вчера останаа полупразни по првиот бојкот на граѓаните, но детали за инспекциските надзори, најави на почетокот од следната недела.
- „Сите институции излегоа на терен, повеќе информации би имал од понеделник, но можам да кажам дека се наоѓаме во сите поголеми супермаркети, се прави детална анализа. Можам да кажам дека дел за она што бевме загрижени, односно нашите стравувања стануваат вистина и реалност“, рече Христијан Мицксоки, премиер.
Додека траеше бојкотот, супермаркетите понудија голем број акции и снижување на некои производи, со што се потврди дека има простор за спуштање на цените. Дел од нив се пожалија дека неправедно se обвинети за високи малопродажни маржи и екстра профит. Тинекс преку соопштение јa извести јавноста и добавувачите дека во првиот квартал од годината нема да набавуваат производи со зголемни цени и предложија тие да се варата на ниво пред поскапувањето на 1 јануари. Потоа, велат за нив ќе биде прифатливо само покачување на цените кое ја следи годишната стапка на инфлација.
- „Во случај Вашиот ценовник да биде изменет спротивно на нашата одлука за работење, ќе бидеме приморани дел од производите кои не се во согласност со нашата одлука да не ги набавуваме“, се наведува во соопштението на Тинекс до добавувачите.
Додека маркетите ја прекројуваат својата политика, дел од производителите веќе ги кројат новите цени, па според информации на Телма, некои млекарници следната недела ќе имаат за 3 до 4 проценти повисоки цени на млекото и јогуртот.
Наспроти нивните тврдења дека работат со минимална заработувачка, пресметките покажаа дека 7 најголеми лацни супермаркети во 2023 имале чист профит од 35 милиони евра. Бојкотот, сепак го вклучи алармот, а сега се очекува што ќе покажат конторлите на инспекторте.
Емилија Мисирлиевска











