Предметот против Васил Јованов за поседување и продавање марихуана и кокаин оди под лупата на Судски совет. Јавноста реагираше дека казната да оди во воспитен дом е преблага. Судијката Алексовска Стојановска во пресудата напишала дека на Јованов како помлад полнолетник му дава можност, воочената и направената грешка да ја отстрани без потешки последици за него.
- „Започнавме со разгледување на случаите, а утре и формално ќе биде формирана комисија од страна на Судскиот совет и по извршениот увид во сите тие списи ќе излеземе со став дали имало пропуст или немало. Ќе бидат разгледани сите забелешки кои што беа изнесени во јавноста и по сите нив ќе се постапува“, изјави Александар Камбовски, претседател на судкси совет.
Колегите на судијката Алексовска Стојановска велат дека при одлучувањето за санкцијата се водела од законите, слободното судско убедување и воспоставената судска пракса. Излегоа со повик до јавноста да не подлегнуваат на провокации, лажни вести и шпекулации и како што велат стигматизирање и линч на еден судија, заради постигнување на други цели. Ги подржуваат граѓаните во нивните барања за системските промени што потенцираат и дека е заложба на премиерот, но сметаат дека нејасна е конекцијата на овој предмет со кривично дело, кое било сторено седум месеци по донесување на првостепена пресуда.
- „Прашање е дали доколку била изречена и казна затвор, мерката притвор ќе можела да опстои пред повисоките судски инстанци имајќи ја предвид досегашната судска пракса, препораките од Судот за човекови права во Стразбур и постојани критики на Меѓународната заедница дека мерката притвор не смее да се користи како казна. Дотолку повеќе што и при укинување на мерката притвор, Јавниот обвинител не вложил жалба на притворот туку вложил само на кривичната санкција“ соопштија Судии и подружница на Здружение на судии во Кривичен суд.
По сообраќајката во која Јованов смртно ја прегази младата Фросина Кулакова, обвинителството ја проширува постапката и за неговите родителите откри во вчерашната Топ Тема на Телма шефот на скопско обвинителство. Се испитува дали има умислена одговорност кај родителите, со оглед на тоа што Јованов немал возачка дозвола, а го возел автомобилот на неговиот татко кога смртно ја прегази Фросина.
Со тоа што поминал на црвено светло на пешачи премин и под дејство на алкохол практично посочува дека делото е сторено со умисла рече Бубевски. Обивнителството ги собира доказите. Ке се разгледуваат снимките од видеокамерите а ангажиран е и вештак кој ќе ја утврди точната брзина со која Јованов возел по Партизанка пред смртоносниот удар.
За во сабота е најавен голем протестен „Марш за правда“ во Неготино. Го организираат другарките на Фросина, а во повикот вели дека за оние кои се од другите градови, а сакаат за бидат дел од протестот, ќе биде обезбеден бесплатен превоз до Неготино и назад.
Елена Ивановска Мукоска











