Аргентина ќе се повлече од Светската здравствена организација (СЗО), изјави денеска портпаролот на аргентинскиот претседател Хавиер Милеи.
„Претседателот нареди повлекување од СЗО поради длабоките разлики во врска со управувањето на СЗО, особено за време на пандемијата на ковид-19“, изјави Мануел Адорни, мислејќи на воведувањето на повеќемесечен карантин во Аргентина за време на владеењето на претходната левичарска влада.
Адорни, исто така, укажа на „недостиг од независност на СЗО од политичко влијание на друиг земји“, пренесува „Ројтерс“.
Американскиот претседател Доналд Трамп минатиот месец, веднаш по стапување на должност, потпиша извршна наредба со која ги повлекува САД од членство во глобалната здравствена организација.
Трамп изнесе слични тврдења како и Милеи, кого американскиот претседател го смета за свој близок сојузник, велејќи дека СЗО лошо управуваше во пандемијата на ковид-19 и други меѓународни здравствени кризи, како и дека од САД, нејзин донатор, барала „нефер и преголеми уплати“.











