Француското национално Собрание не изгласа недоверба на владата на премиерот Франсоа Бајру. „За“ гласаа 128 пратеници од вкупно 577, што е далеку помалку од неопходното мнозинство од 289 пратеници.
Гласањето за недоверба на Бајру го побара партијата на радикалната левица „Непокорена Франција“, но недовербата не беше изгласана, благодарение на гласовите на пратениците на екстремно десничарскиот „Национален собир“ и социјалистите кои одбија да ја поддржат иницијативата, пренесува „Фигаро“.
Од „Национален собир“ и од редовите на социјалистите претходно порачаа дека нема да гласаат за недоверба на владата на Бајру, со образложение дека „на Франција ѝ треба буџет“.
Франција е погодена од политичка нестабилност по одлуката на претседателот Емануел Макрон да распише вонредни избори во јуни во 2024 година. По нив, ниту една партија не успеа да освои парламентарно мнозинство, а несогласувањата околу буџетот се одразија и на пазарите и по само три месеци падна владата на Мишел Барние, претходникот на Бајру.











