Владата ја усвои информацијата за Нацрт-договорот за изградба на прекуграничниот тунел на пругата кон Бугарија постигнат меѓу македонската и бугарската влада и формира работна група која треба да го разгледа нацрт-договорот меѓу двете влади и да достави соодветни предлози. Во работната група се министерот за транспорт и врски Александар Николоски, министерката за финансии Гордана Димитриевска – Кочовска, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и директорот на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Македонски железници – Инфраструктура Синиша Ивановски. Премиерот Мицкоски рече дека очекува таква работна група и од бугарска страна.
Дилемата во јавноста за тоа што е договорено за пругата кон Бугарија се отвори по контрадикторните изјави меѓу премиерот Мицкоски и министерот за транспорт Николоски.
На сајтот на владата стои дека прекуграничниот тунел бил точка на дневен ред на седницата на 29 јануари, но не се објавени заклучоците.
„На последната седница е усвоен договорот во којшто треба јасно да се прецизира обврската на страните во случајот, а тоа е дека македонската страна презема обврска да го изгради делот од Крива Паланка до влезот во тунелот. Тунелот да има влез и излез, а не влез и до половина да застане, што ќе биде заеднички проект. Потоа да се изгради делницата од Ѓуешево до приклучокот со националната железница на соседна Бугарија, тоа се некои 2-3 километри“, изјави Мицкоски.
Министерот Николоски, пак, вчера изјави дека договор за пругата кон Бугарија нема, но ако има политичка волја може да се постигне за неколку недели.
„Сè уште нема договор. Кога би имало договор, во тој случај би го објавиле. А точно е дека има интензивни разговори. Идејата е да постигнеме договор со кој Скопје и Софија ќе се поврзат, а не да не се поврзат како што е сега ситуацијата за жал“, изјави Николоски.
Барањата на македонската влада се Софија да преземе обврски со кои ќе се гарантира дека пругата ќе продолжи кон Софија, а не да заврши на границата. Затоа владата бара дел од договорот да биде и обврската на Софија заеднички да го изградат прекуграничниот тунел, а Бугарија да изгради уште 2-3 километри пруга од границата до постојната железничка линија за пругата да продолжи кон Софија.
Бугарското министерство за транспорт во средината на јануари годинава соопшти дека Владата во Софија во Македонија испратила нацрт-договор за подготовка, изградба и за работа на прекуграничниот железнички тунел што ги поврзува двете земји.
Срѓан Стојанчов











