Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение против поранешниот прв човек на Службата за општи и заеднички работи на владата, Васе Доневски и за Благој Димитров управител на градежната фирма „Бауер БГ” и за уште две лица – управителот на фирмата „Еуроконсалтинг” и за главениот инжинер за надзор. Обвиненијата се однесуваат на проектот за фасадата и осветлувањето на зградата на Владата.
Првообвинетиот Димитров од „Бауер БГ” се товари дека ја злоупотребил постапката за јавна набавка, односно за да го добие тендерот тој склучил договор со три правни лица за да ги искористи нивните ресурси при оценување на економско-финансиската состојба на понудувачот, но без намера истите да ги ангажира при реализација на договорот реконструкција на фасадата и осветлување на зградата на Владата.
„Воедно, во понудата, и покрај тоа што бил должен согласно Законот за јавни набавки, доставил два подизведувачки договори со други две правни лица, но не и за останатите подизведувачи на кои имал намера да им отстапи дел од договорот за јавна набавка“, се наведува од ОЈОГОКК
По склучување на договорот, управителот на „Бауер БГ“, во период од февруари до април 2013, не постапил по договорите за заеднички настап со правните лица со кои склучил договор и остварил имотна корист од 7,6 милиони евра.
Според обивнителството, Доневски, управител на фирмата за надзор и главниот надзорен инженер, пак од мај 2013 до крајот на октомври 2016 година, со умисла, поттикнати од Димитров нанеле имотна штета на буџетот во износ од околу 3 милиони евра.
Подизведувачот иако не поседувал лиценца за изведувач на градби од прва категорија, бил ангажиран и притоа не ги испочитувал одредбите од договорот, па извршил монтажа на декоративни фасадни елементи изработени од материјал што не соодветствувал на материјалот предвиден во основниот проект.
„Второобвинетиот, со умисла поттикнат од првообвинетиот, не ја извршил својата службена должност и при реализацијата на договорот не ставал забелешки во поглед на начинот на изведба на работите и употребениот материјал и покрај тоа што сертификатите и целокупната преписка помеѓу изведувачот на работите и носителите на стручниот надзор во поглед на материјалите и изведбата на декоративните фасадни елементи била доставувана до него, со тоа дозволил декоративните фасадни елементи од материјал што ги нема потребните карактеристики да бидат вградени“, стои во соопштението од ОЈОГОКК.
Трето и четврто обвинетите не вршеле проверка на квалитетот на вградените материјали во градбата и не ставале забелешки во градежните дневници во однос на материјалот од кој биле изработени фасадните елементи со што му овозможиле на изведувачот, преку ангажираниот подизведувач, да изведе и да вгради елементи изработени од материјал што не ги поседувал потребните карактеристики и не бил еквивалентен на материјалот предвиден во основниот проект.
Васе Доневски, поранешниот директор на владината Служба за општи и заеднички работи веќе има една пресуда за злоупотреба на службената положба и овластувања, од 2023 година, со казна затвор од 3 години, која е по жалба пред Апелација. Доневски во тој случајот се брани од слобода. Доневски одговараше за склучување на договори од 2015 година, со сопственикот на „Секјуриком“ од Австрија, за чистење и хортикултурно уредување на Владините простории, со кои го оштетил буџетот за 10,7 милиони евра.
Пред два дена Финансиската полиција поднесе кривична пријава против уште еден поранешен директор на СОЗР, Пеце Мирчески, и тоа за кривично дело поткуп и проневера во службата.
Тамара Грнчароска











