Ако се гледа по бројот на гласовите, веќе ги имаат, 67 пратеници од владеачкото мнозинство се потпишале на интерпелацијата за 5-мината членови на судски совет, избрани во самото Собрание, но процедурата за разрешување никаде и со ниту еден правен акт не е предвидена.
Телма контактираше со пратеници од владеачкото мнозинство, но тие не ја откриваат стратегијата тврдејќи ни дека правната процедура ќе се договара од идната недела.
Во Уставот, законот за судски совет и деловникот на Собранието не е предвидена процедура за разрешување на членови на судскиот совет, во Парламентот.
Единствено правно процедурално прозорче низ кое може да се протне разрешувањето на овие 5 членови на судскиот совет е опис на работата на Комисијата за избори и именување. Таму стои дека оваа комисија има право да предлага „разрешување функционери кои ги избира, односно ги именува Собранието ако со Уставот, со закон, со Деловникот или со друг акт на Собранието не е определено ваков предлог да поднесува друг орган“. Пратениците од власта не откриваат дали ова е нивното правно решение.
Правничките толкувања ќе се судрат со Уставот чиј амандман 23 наведува дека „основите и постапката за престанок на функцијата и разрешување на член на Советот се уредуваат со закон“, што е преточено и прецизирано во Законот за судски совет каде е наведено дека член на Совет може да биде разрешен и доколку биде разрешен од судската функција.
Најголем дел од членовите на Судскиот Совет избрани во Собранието сепак не се судии туку предложени се преку многу оспоруваната дефиниција „истакнати правници“.
Од друга страна во Законот за судски совет е предвидено разрешување и по дисциплинска постапка која може да се врши само во Советот. За разрешување мора да има мнозинство и најмалку два гласа од членовите избрани во Собранието (кои мнозинството сега сака колективно да ги разреши).
Двете гранки на власта, и извршната и мнозинската законодавна тргнаа во поход за разрешување на телото кое е на врвот на третата судска власт поради недовербата и незадоволството кое кон судоството го има и јавноста, но и стручните експерти и мисиите и извештаите на ЕУ.
Но, ризикот е дека со „креативни“ толкувања на законите за да се смени Судскиот совет може да се предизвика надвласт на владата и Парламентот врз судството иако сите три власти треба да бидат независни, како што наложува Уставот.
Миомир Серафиновиќ











