Пругата со Грција во аут, македонските увозно-извозни компании почнуваат да ги планираат загубите. Нарачките кои треба да стасаат до солунското пристаниште ќе почекаат, но неизвесно е дали клиентите од другата страна на границата ќе имаат разбирање. Дополнително, стоките кои на дневна основа, како енергенси и добра, се превезуваат до домашните складишта ќе се одразат на стопанството и цените на крајните производи и услуги.
Од железничката државна компанија во Грција креваат раменици со прст вперен во грчката влада зошто со децении не ја оспособува алтернативната железничка пруга Битола – Лерин. Да биде парадоксот поголем, Железници на Македонија уште пред пред години ја реставрираше пругата, ја тестираше и ја пушти за сообраќај, од Грчка страна не е закован ниту клин. Но, затоа непречено се нижат ветувања од грчките власти.
Телма контактираше дел од најголемите коминтенти на солунското пристаниште и ставот е единствен. Застој од најмалку еден месец ќе предизвика значителни финансиски штети на работењето. Дополнително, и да продолжи извозот, особено увозот, апсурдно и финансиски неиздржливо е да се користи железничката рута од Солун преку Бугарија и Ниш за Скопје.
Втората опција, кој го пренабрегнува проблемот на железници, е камионскиот транспорт кој е и неколкукратно поскап. Притисокот кон грчките власти сега доаѓа и од бизнис коморите на Грција, но и синдикатите на грчки железници. Но, освен ветувањата за алтернативно железничко поврзување со пругата од Коридорот 10Д, од грчка страна со години празни ветувања.
Синоќа, грчки машиновозач три километри влечел откачен вагон и ја разорил железничката пруга. Увидот е во тек. Ќе се бара фирма изведувач, а колку ќе трае санацијата, ќе се пресметува и преку загубите во извештаите на компаниите од двете страни на границата.
Павле Беловски











