Растат трошоците на живот и инфлацијата. Статистичарите во најновите податоци пресметале дека трошоците на животот во јануари 2025 во однос на истиот месец од лани, бележат зголемување од 4,9%. Индексот на цените на мало бележи зголемување од 5,2%.
На годишно ниво, најголем скок има кај цените на безалкохолните пијалаци кои пораснале за 16,2%.
Цената на маслото бележи пораст од речиси 11,8%, додека пак зеленчукот е поскап за 10%. Поскапело и овошјето, но не колку зеленчукот, туку за 3%.
Млекото, сирењето и јајцата и во претходните неколку години станаа луксуз за граѓаните, а нивната цена продолжува да расте. Па, така Статистика измери дека за една година цената на овие производи пораснала за 6,9%. Месото е поскапено за 4,6%.
Ова е кога станува збор за основните производи за човек да се прехрани. А, и за да се облечат граѓаните ќе мора да издвојат повеќе пари од лани.
Цените на облеката пораснале за 2,9%. Чевлите и другите обувки се поскапи за 3,5% во споредба со јануари 2024 година.
Кога станува збор за домаќинствата и бизнисите, цените на електричната енергија бележат пораст од 1,2%, измери Статистика. Намалување е забележано кај течните горива од 1,4% како и цврстите горива кои се поевтини за 4,1% во споредба со лани.
И покрај новогодишната потрошувачка кошница која важеше како мерка во изминатиот празничен период, сепак Државниот завод за статистика не забележал драстични промени во цените на производите, односно во делот на месечната инфлација.
Па, така и покрај тоа што беа најавувани десетпроцентни намалувања на цените на 900 производи и инспекторите од Пазарна засилено делуваа на терен, сепак лебот и житото во јануари поевтиниле за само 0,1%, споредено со декември. Исто така, цената на месото бележи пад од незначителни 0,4%. Млекото, млечните производи и јајцата поевтиниле за 0,6%, во однос на минатиот месец.
И покрај мерките, поскапување имало кај зеленчукот од 1,2%, додека овошјето поскапело за 0,7%.
Петар Догов











