Премиерот повторно во Вашингтон на конференција на конзервативците каде билетите чинат минимум 95 долари, а ќе може да се слушнат и политичари и пејачи и водители и антиваксер.
Од Владата потврдуваат – премиерот Мицкоски оди во Вашингтон за да присуствува на Конференцијата на конзервативна политичка акција. Настанот со ваков наслов ќе трае од 19 до 22 февруари и е годишна политичка конференција на конзервативните активисти и функционери републиканци од САД, но има и гости странци.
На прашањето – на чиј трошок е Мицкоски таму и со кого ќе се сретне, од владата без прецизен и транспарентен одговор.
„Премиерот е поканет како претседател на Владата. Очекуваме да има дополнителни билатерални средби во рамки на присуството во Вашингтон, така што очекувам за дополнителни информации во текот на следните денови јавноста да биде информирана преку вас медиумите“, изјави портпаролката на владата, Марија Митева.
Покрај листата на говорници и други официјални лица на Конференцијата, учеството на годишниот собир на Републиканците се плаќа. Цените на билетите варираат – од обичен или генерален билет кој чини 95 долари, па сѐ до влезници со посебен пристап од кои најскапиот наречен „Платинест билет“ чини 15.000 долари.
Според агендата на настанот објавена на веб-страницата за собирот во Вашингтон, како дел од бројните говорници се најавуваат Роберт Фицо, кој е актуелен премиер на Словачка, Лиз Трас која е поранешна премиерка на Велика Британија, Најџел Фараж, човекот кој ја водеше кампањата за Британија да излезе од ЕУ, Матеуш Моравјецки, поранешен премиер на Полска, како и Џордан Бардела кој ја предводи екстремната десница во Франција, заедно со Ле Пен.
Ќе зборува и Роберт Малоун кој е биохемичар и во време на короната беше обвинет за ширење дезинформации за вакцините. Ричар Гренел е, исто така, на листата на говорници, како телевизиските и поткаст водители – Мегин Кели, Стив Бенон, Бен Шапиро.
Петар Догов











