Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа соопшти дека планира да воведе царини за автомобили од околу 25 отсто и слични давачки за полупроводници и фармацевтски производи, што е најново во серијата мерки што би можеле да ја нарушат меѓународната трговија.
Американскиот претседател во петокот рече дека нема да воведува царини за автомобили пред 2 април, ден откако членовите на неговата влада се очекува да му ги претстават податоците и решенијата за серија увозни царини за американски стоки. Тој долго време предупредува за, како што го нарекува, нефер третман на американските возила на странските пазари.
Европската унија, на пример, го оданочува увозот на автомобили со десет проценти, четирипати повеќе од САД каде царините изнесуваат 2,5 отсто. Но, САД имаат царина од 25 отсто за увезените пикапи, освен оние кои доаѓаат од Мексико и Канада.
Трамп изјави дека секторските тарифи за фармацевтските производи и полупроводници, исто така, „ќе започнат од 25 проценти, а ќе станат уште повисоки во текот на годината.
Тој не наведе конкретен датум кога ќе стапат на сила царините, додавајќи дека сака да им даде време на производителите на лекови и чипови да градат фабрики во САД за да ги избегнат.











