Европа се наоѓа пред невозможен избор, пред политичка одлука, за која во текот на својата историја се покажала како ужасно неспособна. Таа политичка одлука Унијата треба да ја донесе колку што може побрзо, но проблемот кој неверојатно многу ја отежнува е сознанието дека таа ќе има далекусежно влијание, односно ќе ја дефинира европската индустрија во наредните неколку децении, и ако биде погрешна на Стариот континент нема да останат работни места.
Најпогодена, секако, е Германија, во која сите влади кои ја предводеа изминатава деценија и половина свесно работеа на напуштање на „валканите“ процеси на производство, пред се на енергенсите.
Но, руската инвазија на Украина во 2022 цената на енергенсите ја лансираше до егзосферата и многу од индустриите, кои деценија претходно решија да не се преселат во Кина, беа принудени значително да го редуцираат или пак сосема да го запрат своето производство.
Но, овој процес не беше ексклузивен за Германија, со истите проблеми се соочија индустриите во сите земји членки и партнери на ЕУ.
Заедничката политика на Унијата, туркана од неколку земји членки, за комплетно запирање на емисиите на штетни гасови до средината на овој век, ги исправи овие индустрии, кои историски беа најголемите работодавци во Европа, пред исклучително тежок избор: Дали да инвестираат милијарди евра и повеќе години во зелената транзиција на нивните бизниси или пак сосема да ги напуштат? Дали да се ориентираат кон модерни технологии и индустриски потфати или пак да ги ревитализираат старите индустрии?
Но, буџетите на европските земји се ограничени, и сето ова нема да може да биде субвенционирано од јавни пари.
Европската Комисија денеска го презема првиот чекор за тоа, објавувајќи сет мерки познати како „Чист индустриски договор“, кои треба да ги намалат цените на енергенсите, да ги надградат електродистрибутивните мрежи и да стимулираат инвестиции.
Но, Комисијата сепак го одбегнува најгорливото прашање: Кои сектори и производи треба да бидат спасени, а кои да се остават да исчезнат?
Одговорот на тоа прашање Брисел не може да го одолговлекува до бесконечност, особено затоа што тој ќе ги дефинира европската индустрија и пазарот на работна сила во децениите кои следуваат, и затоа што со него мора да се гарантира економската и безбедносна независност на Унијата.
Тоа засега и сектори чија важност не е само економска, туку и безбедносна, како на пример алуминиумот, чие производство изминативе 3 години се преполови, иако неговата употреба и побарувачка е многу широка, од автомобилската индустрија до воената.
Тоа е нешто за кое не гледам доволно дебатирање во јавноста. Транзицијата подразбира дека морате да донесете тешки одлуки, а тие мораат да бидат стратешки и детално објаснети. Мора да знаете дека не можете да ги спасите сите, вели Домиен Вангенехт од тинк-тенкот Е3Г.
Најголемите инвестиции се потребни од секторите кои се големи потрошувачи на енергија, како производство на челик, цемент, алуминиум и хемикалии, и заедно тие се одговорни за една петтина од емисиите на штетните гасови.
Затоа, нивната транзиција ќе биде долга и скапа, да ги сменат производствените процеси, да користат чиста енергија и рециклирани репроматеријали. Токму поради тоа компаниите треба да одлучат во што вреди да се инвестира, треба да знаат со какви проблеми ќе се соочат и каква поддршка да очекуваат од владите.
ЕУ мора веднаш да одлучи кои индустрии вреди да бидат задржани и да се инвестира во нив, а во кои сектори ќе биде поефикасно да се фокусираат на увоз.
Кај некои технологии, како соларните панели, во кои странските производители имаат преголема предност, и обидот на Европа да започне со нивно производство само ќе ја забави декарбонизацијата. Но, има одредени сектори во кои од стратешки причини апсолутно не сакаме да зависиме од странски технологии. Затоа, клучно е знаењето да го задржиме во Европа, порача поранешниот директор на Европската централна банка Марио Драги.











