-Последните одлуки и гласањето во Обединетите нации јасно покажаа дека Владата ја води надворешната политика целосно без компас, импулсивно и надвор од јасно утврдените стратешки приритети, истакна претседателот на СДСМ Венко Филипче, кој на прес конференција се осврна на последните случувања во Обединетите нации.
Наместо да се однесуваме како држава со конзистентна меѓународна политика, нагласи Филипче, Владата делува како залутан играч кој прави екскурзии и без причина ја напушта европската надворешна стратегија.
Филипче предупреди дека, додека поголемите европски држави тактички балансираат помеѓу глобалните сили, Македонија со својата недоследност ризикува да биде маргинализирана од европските политички кругови.
-Со воздржаното гласање за европската резолуција за Украина, нашата земја се најде во несоодветно друштво, заедно со Гана, Бангладеш и Замбија. Сите наши соседи гласаа ‘за’, а земји како Италија и Полска, кои имаат блиски односи со администрацијата на Претседателот на САД Доналд Трамп, исто така гласаа ‘за’, оцени претседателот на СДСМ.
Филипче рече и дека вчера биле контактирани од повеќе европски амбасади кои ја изразиле загриженоста за одлуките на Македонија на меѓународната политичка сцена.











