„Не ми се верува дека би кажал такво нешто“ беше одговорот на американскиот претседател Доналд Трамп, прашан од новинарите дали сѐ уште го смета украинскиот претседател за диктатор.
Од Овалната соба, каде му посака добредојде на британскиот премиер Кир Стармер, Трамп потроши половина час одговарајќи на новинарски прашања, и повремено дозволувајќи му на Стармер да се вклучи во разговорот.
Прашањето за Зеленски беше повеќе од очекувано, особено затоа што украинскиот претседател утре ќе пристигне во Вашингтон за да го потпише договорот за минералите со Трамп, а американскиот претседател даде одговор кој е во негов типичен стил, се преправаше дека воопшто не кажал такво нешто.
Прашањата за Русија и Украина доминираа во оваа отворена за јавноста сесија од Овалната соба, а одговорите на дел од нив имаат големо значење. Изрази уверување дека и двете земји сакаат да се постигне мир, Трамп беше категоричен дека доколку се постигне договор за мир, тој и ќе се почитува.
Уште еднаш повтори дека членството на Украина во НАТО е нешто кое нема да се случи. Договорот за минералите е доволна гаранција од американска страна, порача Трамп.
Претседателот Зеленски доаѓа во петок наутро, и ќе потпишеме навистина многу важен договор, и за двете страни, бидејќи начинот на којшто ние ќе влеземе во таа држава е преку соработка. Имаме многу луѓе што работат таму. Во таа смисла, ќе биде многу добро. Може да се каже дека самото тоа е гаранција. Мислам дека никој нема да преземе нешто ако сме присутни таму со многу работници, рече трамп.
За британскиот премиер, секој договор за мир во Украина, мора да биде долготраен и мора да се почитува и од двете страни.
Ако се постигне договор, мораме да бидеме сигурни дека тоа ќе биде траен договор, не само привремен, туку трае. Затоа мораме да бидеме сигурни тоа да биде постигнато и дека ние ќе си го завршиме нашиот дел, порача стармер.
Денешната посета на Стармер е дел од низата средби со европските лидери, кои еден по еден пристигнуваат во Вашингтон со истата цел, да проценат колку од неконвенционалната дипломатија на Трамп, водена главно преку објави на социјалните мрежи, е фалбаџиство и закани, а колку вистински пораки.
Игор Трајков











