Предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител сѐ уште „патува“ до Советот на јавни обвинители. Владата го обвини Коцевски за крупна професионална грешка, судир на интерес и корупција, како и за нарушен углед и функционалност на обвинителството.
Но, во советот не ги виделе причините преточени на хартија, ниту пак знаат што точно содржат наводите против него.
Потоа, ова тело треба даде позитивно или негативно мислење. Но, и во случај тие да се произнесат негативно по предлогот, постапката ќе оди пред пратениците кажа премиерот Мицкоски пред неколку дена.
Обвинителот Коцевски најави дека ќе се произнесе откако ќе го прочита предлогот за негова смена, но негира дека сторил крупна професионална грешка и дека работел незаконски.
Најпрво да го добиеме предлогот, да ги видиме наводите коишто се наведени во истиот, па потоа ќе се произнесеме. Не можам однапред да ви дадам. Ќе постапиме така како што е пропишано во Законот согласно законските надлежности на Советот, пред да стигне предлогот не можам да дадам одговор на тоа прашање, вели Душица Димитриеска, претседател на Советот на јавни обвинители.
За ова денеска беше запрашан и собранискиот спикер Африм Гаши. Информираше дека во моментов нема никаков предлог од Владата, но веднаш штом го добијат, ќе се стави во процедура.
Во меѓувреме, паралелно тече и постапката за интерпелација на петмина членови на Судскиот совет коишто се избрани од Собранието.
Претседателот на закондавниот дом очекува во март да заврши процедурата.
Во роковите предвидени по Деловникот, интерпелациите беа препратени до членовите на Судскиот совет. Исто така во рамки на роковите, како Собрание ги добивме одговорите од сите пет члена. Тие одговори ние ќе ги доставиме деновиве до сите пратеници. И се надевам дека во текот на месец март, во првата или втората недела ќе имаме свикување на нова седница на која ќе се разгледаат интерпелациите, вели Африм Гаши, претседател на Собранието на РС. Македонија.
Интерпелацијата не значи разрешување, но за власта е доволна причина тие самите да си дадат оставка од функцијата.
Членовите пак, тврдат дека работеле професионално и чесно, а дел од нив се произнеле и дека не чувствуваат одговорност за досегашната работа во советот.
Петар Догов











