САД денеска воведоа нови царини од 25 отсто на увозот од Канада и Мексико, како и двојно зголемување на царините за кинеска стока, што предизвика нов бран трговски тензии со трите најголеми американски трговски партнери.
Новите царини, кои стапија во сила ноќеска во 12:01 часот по источно време, може да влијаат врз трговија вредна 2,2 трилиони долари. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека одлуката е одговор на, како што тврди, „недоволните напори“ на Канада, Мексико и Кина да го спречат шверцот на фентанил во САД.
- Доста беше. Нема да дозволиме овие земји да седат со скрстени раце додека Американци умираат од оваа смртоносна дрога, изјави Трамп во обраќање од Белата куќа.
Канадскиот премиер Џастин Трудо објави дека Отава веднаш воведува 25 отсто царини на американски производи во вредност од 30 милијарди канадски долари (20,7 милијарди долари), а ако американските мерки останат во сила 21 ден, ќе бидат воведени дополнителни царини за уште 125 милијарди канадски долари (86,2 милијарди долари).
- Царините ќе го нарушат исклучително успешниот трговски однос меѓу нашите земји, изјави Трудо, додавајќи дека мерките на Вашингтон го прекршуваат договорот за слободна трговија (УСМЦА), кој Трамп го потпиша во својот прв мандат.
Трудо порача дека Канада ќе таргетира американски производи како пиво, вино, бурбон, куќни апарати и сок од портокал.
Покрај тоа, премиерот на Онтарио, Даг Форд, за Ен-Би-Си изјави дека е подготвен да ја прекине испораката на никел и електрична енергија во САД како дополнителна одмазничка мерка.
Мексиканската претседателка Клаудија Шеинбаум најави дека нејзината земја ќе одговори на новите царини, а повеќе детали ќе соопшти во текот на денешниот ден.
- Во оваа ситуација, ни треба прибраност, смиреност и трпение. Имаме План А, План Б, План Ц, па дури и План Д, изјави Шеинбаум, додавајќи дека Мексико веќе подготвило кризен план.











