Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Имот од 600.000 евра за Апелација е доволна гаранција за поранешен бегалец да не бега

/

пред 591 дена

Сподели преку :

Скопска Апелација смета дека понудената гаранција во имот од 618.000 евра е доволна за да се обезбеди присуство на обвинетиот Валмир Етеми на суд, иако тој пред апсењето беше во бегство и се обидел да замине за Швајцарија. Дополнително, судот му го одзел пасошот и му наложил обврска да се пријавува секој прв понеделник во месецот. Ако избега, имотот ќе му биде одземен. Обвинителството се противеше на пуштањето од притвор пред завршните зборови. Стружанецот Етеми е обвинет дека бил организатор на 23-члена криминална група која се занимавала со трговија со дрога и оружје.

Етеми беше во притвор од мај минатата година, а Апелација во петокот го пушти да се брани од слобода со гаранција од над 600.000 евра.

Тричлениот совет на скопска Апелација, составен од судиите Лидија Зимбовска, претседателка на советот, и членовите Ѓоко Ристов и Лирие Елези Ајрулау, смета дека доказите се обезбедени, обвинетиот има оформено потесно семејство со две деца, чија егзистенција не би ја довел во прашање, па гаранцијата од 618.000 евра би била доволна да го спречи да избега.

„Понудената и прифатена гаранција што се состои во воспоставување на хипотека на недвижниот имот и упис во Заложниот регистар на движниот имот опишан како во изреката на ова решение, претставува доволен и реален износ со кој би се обезбедило присуството на обвинетиот во понатамошниот тек на кривичната постапка“, стои во образложението на Апелациониот суд Скопје.

Обвинителството вчера соопшти дека судот не зел предвид дека се работи за првообвинет во предметот, дека бил во бегство и е екстрадиран од друга држава со купена карта во еден правец и дека предметот е во судска постапка која е скоро пред завршни зборови.

Обвинетиот Етеми денеска дошол на редовното рочиште.

Акцијата против групата беше спроведена во ноември 2023 година, но 32-годишниот Етеми не беше достапен и се бараше преку Интерпол. Во јануари 2024 година беше уапсен на аеродромот во Тирана, од каде се обидувал да замине за Швајцарија. Во Македонија беше екстрадиран во мај минатата година и оттогаш беше во притвор.

Срѓан Стојанчов