Околу 160 пациенти во државата чекаат за трансплантација на бубрег. Моментно во 23-те центри за дијализа низ државата има 1.657 пациенти. Најмладиот е на возраст од 13 години.
Оваа година не е направена ниту една трансплантација поради реновирање на одделението на Клиниката за урологија. Директорот на Универзитетската клиника за урологија во Скопје, Башким Шабани за МИА појаснува дека во моментов имаат четири болнички соби, каде се вршат интервенции само на итни случаи и карциноми.
„Се планира реновирањето да заврши најдоцна до 15 април и по ова ќе почнеме со трансплантација на ливинг-донор и кадаверична трансплантација. Напоменувам дека во овој момент Центарот за трансплантација е нефункционален поради фактот што во тие простории биле третирани прележаните пациенти со коронавирус и поради тоа што технички не е функционален, а за жал, овие простории за време на пандемијата биле оштетени. По завршување на реновирањето, се предвидува реновирање и на Центарот за трансплантација“, вели Шабани.
Од 1977 година до денес се извршени 596 трансплантации, од кои 512 од жив донор и 84 кадаверични.
„Во споредба со другите балкански земји, ние сме на врвот, во подобра состојба со трансплантација на бубрези. Во однос на европските земји, сме многу далеку наназад“, вели Шабани.
Најмладиот пациент на кој му е извршена бубрежна трансплантација е на 15-годишна возраст, а најстариот има 67 години. Според Шабани, листата на чекање за трансплантација на бубрег во нашата држава е долга.
„Околу 160 пациенти чекаат за ливинг-донор и кадаверична трансплантација“, нагласува Шабани.
Од Здружението на бубрежно болни „Нефрон“ бараат креирање на глобална стратегија за справување со бубрежните заболувања, со акцент на превенцијата и раниот скрининг за навремено откривање на болеста. Според нив, потребен е систем во кој бубрежно болните лица ќе можат да ги остварат своите права, без да лутаат по здравствените и социјални лавиринти, со психосоцијална поддршка на пациентот и на семејството, бидејќи тоа е болест што се одразува на поширокото семејство.











