Шекспировски кажано – нешто е труло во државата Македонија. За неполна деценија, во масовни несреќи загинаа над 155 луѓе. Последната во Кочани, кога во пожар во дискотека животите ги изгубија 59 млади.
Заедничко за сите овие несреќи е немањето одговорност. Или со години се влечат во судските лавиринти, или на крај одговараат најситните риби. Секогаш некој познава некого за автобусот да помине технички преглед, да го пушти преку граница без лиценца, да издаде градежна дозвола, да потпише лиценца без исполнети услови… Многумина знаеле или требало да знаат за пропустите, но ја вртеле главата на страна. На крај – обвинителот ќе констатира дека системот е еродиран.
Полн автобус патници на 23 ноември 2021 година се враќаше од туристичко патување во Турција. Во три часот утрината, во близина на бугарскиот град Перник, возачот губи контрола врз возилото, удира во заштитната ограда по што автобусот пламнува. 45 луѓе ги изгубија животите во изгорениот автобус. Седуммина се спасија. Автобусот на Беса транс немал лиценца за меѓународен превоз на патници. Излегол од земјава без да биде електронски евидентиран, туку само бил заверен листот за превоз на патници. Двајца цариници кои го пропуштиле беа суспендирани, а беа најавени санкции за нивниот раководител. Во претходниот месец, автобусот без лиценца излегувал од државата неколку пати.
Окружниот суд во Перник на почетокот на годинава пресуди дека делумна вина за несреќата има и Агенцијата за патна инфраструктура на Бугарија поради лошо проектиран пат и неправилна сигнализација.
Скопскиот кривичен суд во март минатата година го осуди сопственикот на Беса Транс Беким Хаџиу на 1 година и 8 месеци затвор за фалсификување исправа. Скопска апелација во декември ја укина пресудата и го врати предметот на повторно судење.
Автобус на Дурмо турс со 51 патник на релација Скопје – Гостивар излета од патот кај скопското село Ласкарци околу 17 часот на 13 февруари 2019 година. Загинаа 16 патници.
Освен транспортна фирма, сопственикот на Дурмо турс имал и сопствен технички преглед на кој ги поминувал автобусите.
Возачот возел пребрзо, кочниците не биле како што треба, а автобусот не бил соодветно прегледан.
Пет години по несреќата, на почетокот на минатата година, Кривичниот суд во Скопје осуди шестмина виновници на вкупна казна од 39 години затвор. Возачот доби 14 години, шефот на возниот парк во Дурмо турс доби шест години, а тројца вработените во техничкиот преглед на фирмата добија по пет години. Сопственикот на фирмата доби четири години затвор. И обвинетите и обвинителството се жалеа на пресудата. Сè уште нема пресуда од Апелација.
Додека државниот врв го прославуваше Денот на независноста во корона-услови, на 8 септември 2021 година се запали и за неколку минути изгоре модуларната болница во Тетово. Изгореа 14 пациенти кои се лекувале во болницата.
Пожарот настанал од краток спој на кабелот на дефибрилаторот. Болницата немала противпожарна опрема, а вештаци на судењето наведуваа дека имало проблеми и со изведувањето на инсталацијата. Се работи за монтажен објект за кој немало градежна дозвола, туку само дозвола за поставување.
Беа обвинети двајцата директори на болницата и еден доктор. Две години по несреќата, директорите добија условни казни, а докторот беше ослободен од вина.
Во мај минатата година, гостиварска Апелација ги укина пресудите против директорите и го врати предметот на повторно судење.
Силен летен дожд на 6 август 2016 година ги зафати јужните падини на Скопска Црна Гора. Незапаметеното невреме почна во попладневните часови, кога целиот скопски регион беше погоден од обилни врнежи од дожд и силен ветер. Наврнаа 93 литри на квадратен метар. Поројот се спушти надолу кон скопските села Стајковци и Сингелиќ и ги однесе животите на 22 луѓе, во најголем дел околу скопската обиколница. Властите тогаш рекоа дека се работи за илјадагодишен дожд, и оти против природата не се може ништо.
Експерти и тогаш објаснуваа дека обиколницата била несоодветно изградена, одводните канали не биле исчистени и биле претворени во диви депонии, а дивата сеча на Скопска Црна Гора ја оголела планината, па немало што да ја спречи надојдената вода силно да удри врз селата во котлината. Да биле направени овие работи, штетите ќе биле многу помали.
И тогаш вината беше префрлана врз системот.
Срѓан Стојанчов











