Десетици илјади луѓе во неколку градови во Турција четврта ноќ по ред протестираа против апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу. Забележани се приведувања на стотици луѓе, како и напади врз полицајци со тврди предмети, јави ТРТ Хабер. Најмалку еден полициски службеник е повреден, а полицијата користеше бибер спрејови и гумени куршуми кон демонстрантите,
Организатор на протестите е главната турска опозициска Републиканска народна партија (ЦХП).
Имамоглу, кому му беше определен притвор, мерка што ќе важи до почетокот на судењето за корупција, ги повика турските граѓани да одржат масовни демонстрации низ целата земја.
Турското Министерство за внатрешни работи соопшти дека Имамоглу е „привремено“ суспендиран од функцијата по апсењето под обвинение за корупција и тероризам.
Имамоглу е клучна опозициска фигура и потенцијален противкандидат на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на претседателските избори.
Тој беше приведен во средата под обвинение за корупција и помагање на терористичка група, но тој ги негираше обвиненијата, нарекувајќи ги „незамислива клевета“.
Турската влада негираше какво било влијание врз апсењето на Имамоглу, наведувајќи дека судството е независно.
Имамоглу (54), кој според некои анкети има поголема поддршка од јавноста од Ердоган, требаше да биде именуван за официјален кандидат на ЦХП на претстојните претседателски избори.











