Во Општина Кочани веќе тече законската постапка за избор на в.д. градоначалник, кој ќе раководи со општината, бидејќи во моментов таа не може да извршува ниту основни задачи и функции. Досегашниот градоначалник, Љупчо Папазов, кој по трагедијата во дискотеката „Пулс“, си поднесе неотповиклива оставка, не успеа за приближно седум месеци да го заврши четиригодишниот мандат што го доби од граѓаните на локалните избори во 2021 година.
Според членот 54 од Законот за локална самоуправа, по престанок на мандатот на градоначалникот, членот на Советот на Општина Кочани што го заменува, во овој случај координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Мирче Стојков, е должен за настанатата ситуација да го извести Министерството за локална самоуправа кое, пак, понатаму, во рок од 15 дена, ја известува Владата.
Ова е прв ваков случај. Се работи за правен лавиринт со кој ниту една општина досега не се соочила, па има различни мислења меѓу правните експерти за валидноста на потписот на Стојков. Според законските одредби, во рок од 30 дена од објавување на одлуката на Владата, Советот на Општина Кочани со мнозинство гласови од вкупниот број на советници треба да избере еден од своите членови што ќе ја врши должноста.
Избраниот в.д. градоначалник ќе остане на функцијата сѐ до изборот на нов на редовните локални избори, што треба да се одржат во октомври годинава.











