Недозволиво е жртвата да се врати кај сторителот на семејно насилство пред тој да биде казнет, затоа што искуството покажува дека секогаш го повторува делото, велат експертите. Случајот во кој 35 годишен маж од Радовиш тепа жена повторно го отвори прашањето за неказнивоста на насилникот во домот. Од страв, срам и други причини најчесто жртвата се повлекува, а насилството не запира.
„Истанбулската конвенција строго забранува мирење на жртвата и насилникот. Но сведоци сме сите во постапките каде се сугерира, вие сте брачни партнери, родителите сте на деца, ајде смирете се. Такво нешто не треба да се прави. Ако жртвата се повлече, затоа што со него има деца или затоа што е нејзин партнер, семејното насилство продолжува“, вели адвокатката Катерина Котеска Стисниовска.
Статистиките од МВР за изминатите 2 години покажуваат дека пријавувањето на семејното насилство бележи благ пораст.
Во овој период регистрирани се 821 кривично дело од семејно насилство за кои се пријавени вкупно 834 сторители од кои 770 се мажи и 64 жени и вкупно 860 жртви, од кои 176 мажи и 684 жени. Во истиот период регистриран е 221 прекршок за кои се пријавени 265 сторители и 268 жртви и 3.815 поплаки за кои се пријавени 3.887 сторители и 3.905 жртви.
Од полицијата велат дела постапуваат по секоја пријава без оглед на кој начин ја добиле, по што се прави проценка на ризик.
„Во случај кога е проценето дека постои ризик за сериозна опасност по животот или ризик од повторување на насилството, полицискиот службеник до надлежниот суд доставува предлог за изрекување итна мерка за заштита – отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот, без согласност на жртвата“ наведуваат од МВР.
Но, доколку жртвата не даде согласност, насилникот не може кривично да се гони, како што е во случајот со насилникот од Радовиш, во кој партнерката одбила да го пријави, што уште еднаш ја отвори потребата од измени во кривичниот законик и кривичното дело „телесна повреда при семејно насилство” да се гони по службена должност.
Емилија Мисирлиевски











