Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

О2 бара кривична одговорност и одземање на „А“ интегрираната дозвола на рудникот Тораница

/

пред 572 дена

Сподели преку :

Кривична одговорност и одземање на А интегрираната дозвола од рудникот Тораница, од Општина Крива Паланка . Ова го бараат од иницијативата О2 во врска со еколошката катастрофа во Крива Река,  која посиве на 14 март, откако во неа, како што рече градоначлникот Митовски, се излеа јаловина  со отровни материи како олово, арсен и цијанид, по пукање на цевка за довод на техничка вода од концесионерот на рудникот , фирмата „ Булмак 2016 ДООЕЛ“.

Од О2 бараат санкции за Тораница, но и проверка на работата на инспекциските служби кои , како што велат, не делувале навреме.

Ова е трет пат како што истата компанија , истиот рудник прави прекршување и сметаме дека е крајно време Министерството за животна средина да им ја одземе интегрираната А дозвола за работа. Очигледно дека казните на нив не влијаат , бидејќи профитот што го прават од своето работење е очигледно поголем од казните што ги плаќаат , за штетите што ги причинуваат. Така што веќе е време за сериозно да се размисли за кривична одговорност. Значи не само кон компанијата. Сметаме дека, исто така Министерството за животна средина и инспекциските служби мора да го разгледаат и делувањето на инспекторите. Бидејќи ова не е ситуација што се појави вчера. Ова се случило на 14 март, вели Ели Пешева од О2.

Ние не работиме како што ќе посака некој, туку исклучиво согласно закон. Од страна на Државниот инспекторат за животна средина, освен што е констатиран прекршок и казна до 200 000 евра за правниот субјект и 10 000 евра за одговорното лице, тие се дадени на Комисијата за прекшоци во Министерството за животна средина, вели за Телма директорката на Инспекторатот, Ивана Гиновска.

Според неа издадено е и Решение со кое се задолжува „Булмак 2016“ и рудникот Тораница да преземат мерки согласно А интегрираната еколошка дозвола, да направат проценка преку надворешни стручни лица во определен рок, дали има штета и во колкави размери е таа.

По добивање на резултатите доколку има проценета штета на животната средина од страна на Државниот инспекторат за животна средина ќе се поведе соодветна постапка, согласно законските регулативи. А, за поведување на кривична постапка има рок од 90 дена. Што не значи дека нема да се поведе ако има основ, согласно резултатите од вештачењето, вели Ивана Гиновска-директор на Државен инспекторат за животна средина.

За одземање на дозволата е должна Управата на Министерството за животна средина, откако овој прекршок ќе биде потврден од страна на прекршочната комисија, дополнува директорката на Инспекторатот.

Концесионерот на Тораница пред четири години има платено 90 000 евра казна, а пред три исто така беше казнет со 90 000 евра. А сега за прекршочна одговорност му се заканува казна во висина од 180 до 200 000 евра.

Од Иницијативата О2 ја повикуваат владата и Собранието да направат законски измени за воспоставување мерки што ќе го следат начинот на делување и санкционирање на инспекциските служби, доколку не ја завршат нивната работа. А, од Инспекторатот од поодамна кажаа дека имаат недоволен број инспектори, на терен се 15.

Сотир Трајков