Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Берзите во дебел минус – Трамп подготвен да преговара за тарифите, но не прифаќа дефицит

/

пред 560 дена

Сподели преку :

Светските берзи во стрмоглав пад на почетокот на оваа недела. Индексите во Европа, Азија, Австралија и самите САД во дебел минус, најголем по оној во коронакризата во 2020 година. Реципрочните царини што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп во средината на минатата недела и натаму ја тресат планетата која е под ризик од нова рецесија. Се очекува поголем раст на инфлацијата од предвиденото и значително забавување на растот на економиите.

Европската Унија порача дека е подготвена за преговори, но и за контрамерки кои би требало да бидат применети во случај на пропаѓање на преговорите со Вашингтон. За денеска во Брисел е закажан состанок на министрите за трговија на кој ќе се разговара за стратегија во мисијата за убедување на Трамп да ги повлече тарифи. Економистите се јасни – турбуленциите се директна последица на одлуката на американската администрација за која велат дека е „политичка и намерна“.

„Тарифите ги погодуваат работниците, ги погодуваат работните места. Тие се инфлаторни, гo погодуваат пензискиот систем, сега го гледаме тоа и на пазарите за акции, и за оние луѓе кои, знаете, беа против слободна трговија сите тие години и повикуваа на протекционизам и од левицата и од десницата. Тие ги гледаат вистинските последици од тоа ако некој го стори, како што најави претседателот Доналд Трамп дека ќе го направи“, вели Тим Харкорт, економист на Универзитетот за технологија во Сиднеј.

Според Кевин Хасет, директор на Националниот економски совет на Белата куќа, над 50 држави веќе поднеле барање за преговори. Тој застана во одбрана на потегот на Трамп, иако под притисок ќе биде и американскиот Бруто-домашен производ и поради најавите за намалување на државната потрошувачка, што може да доведе до ослабнување не само на приватната, туку и на јавната побарувачка.

„Тоа не е стратегија за уривање на пазарите. Тоа не е стратегија за крах на пазарите. Тоа е стратегија за создавање на златно доба во Америка, за американскиот работник. Тоа е неговата стратегија“, порача Кевин Хасет, директор на националниот Економски совет на Белата куќа.

Трамп рече дека со царините сака да го реши проблемот со дефицитот што САД го имаат со Кина, со Европската Унија и други земји. Изрази подготвеност да разговара со трговските партнери за ублажување на царините. Но, притоа постави и услов – не е подготвен да прифати нерамнотежа во обемот на трговија, односно земјата повеќе да извезува, одошто увезува од САД. Според него, мора да постои или суфицит на страната на Вашингтон или рамнотежа.

Сашко Димовски