Европските земји да ја имаат предвид геостратешката важност на регионот, а Унијата фундаментално да се промени. ЕУ ѝ треба на Македонија, но и обратно – Македонија ѝ треба на ЕУ.
Ова го кажа унгарскиот министер за европски прашања, Јанош Бока, изразувајќи силна поддршка за македонскиот евроинтегративен пат. Тој од вчера е во дводневна работна посета на Македонија.
Според Бока, понудата на унгарскиот премиер Орбан сѐ уште е на маса за тој лично да помогне во билатералниот спор на Македонија со Бугарија, иако источниот сосед веќе го отфрли предлогот тој да посредува за наоѓање решение помеѓу Скопје и Софија.
„Сакаме да се забрза техничкиот и административниот процес во рамките на европските институции. Ги повикуваме сите земји членки на Европската унија да ја имаат предвид геостратешката важност на регионот за ЕУ, како и економските капацитети што Западен Балкан може да ги донесе за Унијата. Постојано слушам дека има нов ентузијазам за проширување и се надевам дека тоа е така“, кажа Јанош Бока, министер за европски прашања на Унгарија.
Министерот за европски прашања на Македонија, Орхан Муртезани, порача дека македонско-унгарското пријателство е доказ дека Европа не е само бирократија.
Двајцата министри денеска потпишаа Меморандум за соработка за партнерство при европските интеграции.
„Имајќи предвид дека токму за време на европското претседателство со Советот на ЕУ минатата година, прашањето за проширувањето на Унијата и интеграцијата на Западниот Балкан беше ставено високо на приоритетите на претседавањето, а со тоа и на европската агенда“, вели Охрхан Муртезани, министер за европски прашања.
Двете влади досега одржаа заеднички меѓувладини седници во Охрид и во Будимпешта.
Следен чекор ќе биде утврдување на работниот план за активностите на двете страни, за Меморандумот за соработка кој главно се однесува на техничко усогласување со правото на ЕУ и начините на искористување на европските фондови.
Петар Догов











