Ревизијата на финансиското работење и усогласеноста на Основниот суд Гостивар откри серија нерегуларности и системски слабости.
Според наодите, во судот недостасуваат одредби за утврдување на платите на вработените кои вршат технички и помошни работи.
Исто така, средствата што се издвојуваат од Буџетот за финансирање на Судската власт во 2023 година не го достигнуваат законски утврдениот минимум од 0,8% од БДП, туку изнесуваат само 0,3%.
Ревизорите констатирале дека во модулот за пресметка на плати на судската полиција не е правилно вклучено зголемувањето на платата, што влијае на основицата за минат труд.
Исто така, надоместоците за прекувремена и ноќна работа, кои не треба да бидат вклучени, сепак се внесуваат при пресметката на додатокот за работно искуство.
Ревизијата констатирала и дека постојат различни услови за пополнување на исто работно место во различните судски прописи, што создава правна несигурност и дилеми при постапувањето.
Ревизорскиот извештај нотира отсуство на документација за правото на сопственост или користење на објектот каде што е сместен судот.
Пописот на имотот не е спроведен согласно законските прописи, а електронскиот систем за евиденција на работното време и прекувремената работа, иако поставен, не се користи поради неисправност.











