Да се обезбедат современи инсулински пумпи за сите 3.500 лица со дијабетес тип 1 за автоматска испорака на инсулин или технологија која е најблиску до вештачкиот панкреас. Ова од надлежните го бара Сојузот на здруженијата на лица со дијабетес со новата јавна набавка за 2025 и 2026 година.
Велат во моментот само 300 дијабетичари имаат можноста да користат инсулински пумпи, а неколку илјади од овие пациенти немаат пристап до новите технологии со кои се намалуваат компликациите кај дијабетичарите и спасуваат животи.
„Имаме малку пумпи, бараме да се зголеми тој број, а вториот бараме пумпи со затворен хибриден систем каде што испораката на инсулин е автоматска за секое лице посебно. Кога се става пумпата од сензорот добива наредба каква потреба има телото од инсулин. Со ова се намалува до 80 проценти ризикот за компликации“, вели Диме Велев, претстедател на Сојузот на здруженија на дијабетичари.
Но, министерот за здравство Арбен Таравари вели дека јавната набавка за наредните две години е веќе завршена и договорот е потпишан.
„Многу е порационално, да нема недостиг, секоја година се набавува, па, пак, додека се направи набавката има некогаш два-три дена или до 10 дена да недостасува. На две години ќе се набавува, така веќе е завршена јавната набавка, потпишан е договорот со стандардниот добавувач, истиот скоро 10-15 години. Ова е рационализирање и мислам дека е подобро за сите граѓани посебно за тие со дијабет“, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.
Со новата јавна набавка, најверојатно ќе се надмината проблемите со недостигот на инсулин, проблем што се провлекува постојано пред распишување на нов тендерот, но сè поизвесно е дека пациентитте со дијабетес тип 1 ќе чекаат подобри времиња за современи системи за инсулинска терапија која има го олеснува животот и ги намалува компликациите.
Емилија Мисирлиевски











