Бугарија се уште без одговор дали таа прифаќа или не билатерална средба со македонската претседателка, Гордана Сиљановска Давкова, на самитот на НАТО во Хаг, под покровителство на Европската унија, информираше денеска премиерот Христијан Мицкоски, но без да прецизира дали молкот од Софија го смета за одбивање на иницијативата, со оглед дека го стави во контекст на изјави од бугарски политичари кои ја одбиваат иницијативата на Австрија за медијаторство.
- „До овој момент нема пристагното било каков коментар од страна на Кабинетот на претседателот Радев, само преку медиумите, ако тоа може да се толкува како одбивање е онаа изјава на европскиот пратеник, Андреј Ковачев, којшто доаѓа од сестринската партија ГЕРБ, којшто вели дека не и е потребна на Бугарија никаква медијација. И од тука можеме да толкуваме дека тие ја одбиваат, практично, отворената понуда којашто, овде во Скопје, ја даде министерката за надворешни работи на Австрија“, изјави Мицкоски.
Мицкоски прашан за предлозите на претседателката Давкова за надминување на проблемот со Бугарија, меѓу кои и за потпишување на трет протокол со Бугарија во рамки на Договорот за добрососедство, рече дека не сака јавно да коментира креативни предлози.
Инаку предлогот за билатерална средба меѓу македонската и бугарската страна на самитот на НАТО во Хаг, на крајот од јуни, стигнал од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта за време на неговата посета на Македонија пред две недели, кој тогаш беше дециден дека Унијата нема план „Б“ за Македонија и оти фокусот и е на реализација на планот „А“, односно договорот потпишан меѓу ЕУ и Макеоднија во 2022 година со кој земјата презела обврска за впишување на Бугарите во Уставот како услов за отворање на кластерите во преговорите.
Како што објави вчера Телма билатералната средба во Хаг ја договара Брисел и Бугарија прво таму треба да го испрати својот одговор дали прифаќа или не да седне на маса со Македонија за надминување на проблемот, во присуство на високи европски претставници, меѓу кои Кошта, претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, високата претставничка на ЕУ за надворшена и безбедносна политика, Каја Калас, но и претставници на НАТО и нејзини влијателни земји-членки, како што бара македонската страна.
Тамара Грнчароска











