Компаниите се многу попретпазливи во лоцирање на капиталот и сигурно е дека ќе има одложување на инвестициските одлуки во оваа година, во ситуација на неизвесност, ретко кој би донел директно одлука да инвестира, истакна Боријан Борозанов, директор на „Џонсон Мети“, во вечерашната дебата во „Топ тема“ на Телма ТВ.
„Најдиректен ризик е во однос на транспортните рути. Тоа значи поскап транспорт, подолг транспорт, поголеми барања за кредитирање во однос на робата што е во транспорт. Во таква ситуација на ескалација, најмногу од психолошки аспект е да се очекува намалување. Прашањето е колкаво ќе биде. Пазарите сè уште не реагираат драстично, но мислам дека ќе има мало влијание на вкупната побарувачка, поготово во Европа заради вкупната неизвесност во која што се наоѓа. Живееме во свет во кој има работи што ги знаеме, работи што знаеме дека не ги знаеме, но сè повеќе има работи што не знаеме дека не ги знаеме“, смета Борозанов.











