Американскиот сенатор Берни Сандерс повтори дека САД не треба да се придружат во воената кампања на Израел против Иран. Тој потсети дека Бенјамин Нетанјаху во сведочење пред Конгресот во 2002 година ги повика САД да почнат инвазија врз Ирак.
„Ако го уништите режимот на Садам, ви гарантирам дека тоа ќе има огромни позитивни последици“, изјави тогаш Нетанјаху.
Сандерс нагласи дека Нетанјаху „не бил во право“.
„Војната во Ирак резултираше со 4.492 смртни случаи на американски војници, преку 32.000 ранети и трошоци од, речиси, три билиони долари. Стотици илјади Ирачани, исто така, починаа како резултат на таа трагична војна“, предупреди Сандерс.
„Нетанјаху не беше во право во врска со војната во Ирак. И сега не е. Не смееме да се вмешаме во војната на Нетанјаху против Иран“, додаде тој.
Сандерс во понеделникот презентира закон со кој би се забранило користење на федерални средства за американска воена акција против Техеран без децидно одобрување од Конгресот. Законот насловен како „Нема војна против Иран“ содржи исклучок за самоодбрана, како што е утврдено со законот за воени овластувања и важечките закони на САД.











