Големиот пожар што избувна во близина на фабриката за оружје и муниција во селото Самоков за миг го претвори спокојниот живот на жителите од село Рамне во вистински пекол.

Жителите сметаат дека пожарот избувнал од фабриката во која има хемикалии. Слушнале експлозии, а потоа виделе како пожарот се проширил кон селото Рамне. Во тој момент мештаните побарале помош од надлежните.
- „Веднаш се јавив во ЦУК. Тој што се јави ме распрашуваше детално и ми велеше ти да не ме лажеш мене. Јас му кажав а бе ние гориме овде, а ти се изживуваш со нас. Му оставив податоци и цел ден чекавме помош, но не дојде. Дури вечерта стигнаа, но беше доцна, таа стихија не можеше да се смири“, раскажува Митко Никодиноски, жител на с.Рамне.
Пожарот изгорел плевни, го зафатил електричниот систем, селото останало и без струја.
Пожарот го почувствувала и Кирјаца Радеска, која живее во Македонски Брод, но редовно доаѓа во родното Рамне. Веднаш заминала кога дознала дека селото е во опасност.
- „Куќите се спасија, мислам дека само една куќа и возило се изгорени. Исто така изгореа и две плевни од кои едната беше моја. Внатре немаше ниту слама, таа беше чиста и ја користев како магацин, а сега тоа е само прав и пепел“, објаснува Кираца Радеска која има викендица во с.Рамне.
Центарот за управување со кризи објави дека пожарот бил проширен од фабриката Самоков. Од Дирекцијата за заштита и спасување пак велат дека во понеделникот таму се интервенирало од копно.
- „Пожарот кај селото Рамне започна во Самоков веднаш до фабриката. Паметам дека таму се интервенираше од земја. Се работи за села во кои речиси и да нема жители. Ова од сеќавање го зборувам. Мислам дека имаше само една жена која веднаш беше евакуирана“, изјави Стојанче Ангелов, директор на ДЗС.
Во ова населено место опасноста се уште демне, а жителите се надеваат дека пожарите нема да се повторат и алармираат до надлежните за побрза рекација во вакви ситуации.
Тамара Марковска











